Според полицијата, приведени се повеќе лица за кривични и прекршочни дела за упадот во зградата на РТС и вчера за време на протестот пред Претседателството и пред полицијата. Приведени се лица кои во зградата на РТС внесле моторна пила, за напад врз полициски службеници, за кршење на стаклото на влезната врата во РТС. Еден од приведените и двајца полицајци побарале лекарска помош. За сите приведени одредено е 48 часовно задржување.
Според лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ тоа се деца на возраст од 18 до 20 години и побара лидерите на опозицијата да бидат секојдневно на програмите на државната телевизија и радио.
– Сите уапсени кои имаат меѓу 18 и 20 години, се тргнати од оваа станица и испратени во различни судови за прекршоци каде им се изречени различни мерки од 48 часови приведување до притвор од еден месец, нагласи Обрадовиќ.
Според него, доколку полицијата не ги ослободи, организаторите ќе продолжат со протести до исполнување до крај на своите барања.
Опозиционерите најавија дека се подготвуваат и контрамитинзи за поддршка на претседателот Александар Вучиќ.
– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е луд бидејќи собира свои активисти за да ги испрати во Белград. Тој сака граѓанска војна ама ние нема да учествуваме во тоа. Кога пак ќе се собереме, нема назад. Тоа е крај, нагласи Обрадовиќ.

Вучиќ синоќа повеќе пати истакна дека насилство веќе нема да биде дозволено и оти сите оние кои ќе прибегнат кон насилство ќе бидат приведени во истиот момент.
– Во истиот момент ќе бидат приведени сите кои ќе применат сила. За ова прашање повеќе нема да има разговори, рече тој.
Српскиот претседател во интервју за телевизијата „Пинк“ за политичките противници рече дека имаат фрустрации, затоа што не можат да го победат ниту во едно село.
Тој потсети дека пред четири години Ѓорѓе Вукадиновиќ изјавил оти почнал падот на Вучиќ, бидејќи опозицијата победила во две села, а сега кога СНС победи, вели, не ни објавуваат.
-Не можат да победат никаде, ниту на едни избори, потенцира српскиот претседател.
Тој истакна дека знаат оти не можат да ја добијат довербата на народот и затоа имаат таков вид на фрустрации.
Вучиќ рече дека против него е направена коалиција на тајкуни и дека е покрената медиумска машинерија.
– Видов луѓе во Претседателството. Имаше храбри, но и оние што беа исплашени. Се работи за обични луѓе, професионалци, кои биле таму и пред мене. Тие се тресеа од страв. Одев од канцеларијата до канцеларијата и им реков дека не треба да се плашат, нагласи Вучиќ.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека протестите на ја разнишале власта и го обвини лидерот на опозицијата Бошко Обрадовиќ дека ги презел демонстрациите и на тој начин на сите останати граѓани им го ускратил правото мирно да протестираат.
-Режимот не е размрдан ни во еден момент. Не постои никаква нервоза. Тоа беше малцинство собрано околу Бошко Обрадовиќ, Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ, рече Брнабиќ и го обвини Обрадовиќ дека е фачист со кого никогаш не би разговарала.
Полицискиот синдикат бара полицајците да одбијат употреба на сила
Полицискиот синдикат на Србија ги повика полицајците да одбијат наредба за употреба на физичка сила врз демонстрантите во Белград, ако добијат таква наредба.
-Надвор од неговата надлежност Небојша Стефановиќ, со својата наредба, ги доведе во животна опасност граѓаните и самите полицајци, се вели во соопштението на синдикатот.
Синдикатот на полицијата ги повика демонстрантите да не ја напаѓаат полицијата, туку да покажат почит, а полицијата ќе биде на страната на народот.
-Полицијата треба да се придржува кон Уставот и законите, а не волјата на политичарите, се вели во соопштението.
ЕУ бара протестите да останат мирни
ЕУ во реакцијата денеска истакнува дека протестите се вредност и карактеристика на демократијата, но треба да останат мирни.
-Иако право на граќаните е да учествуваат во мирни демонстрации останува суштинската карактеристика и основна вредност на демократијата и треба да се почитува, протестите да останат мирни и во согласност со законот, како што беше случај пред овој викенд, изјави портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич за Еурактив.





