Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар на вонредна прес-конференција денеска изјави дека во земјата е регистриран првиот случај на новиот коронавирус. Тој објасни дека станува збор за маж на возраст од 43 години од Суботица, кој неколку пати бил во Будимпешта и ги имал сите знаци кои биле слични на коронавирус или вирусна пневмонија. Пациентот се чувствува добро и нема никакви проблеми, информира Лончар.
„Ветивме дека ќе бидеме исклучително транспарентни и оти веднаш ќе ја известиме јавноста. Она што го очекувавме се случи и беше прашање на часови кога ќе се случи, а тоа е дека го имаме првиот позитивен случај на коронавирус“, изјави српскиот министер за здравство.
До 6 март, во Србија се тестирани вкупно 60 лица кај кои не е регистриран новиот коронавирус.