Хрватска денеска гласаше за нов претседател на државата. Изборните места беа отворени во седум часот, а затворени пред нешто повеќе од 30-тина минути. Понудата пред граѓаните се состоеше од 11 кандидати, а ова се резултати од првите излезни анкети што пред малку ги објави Хрватската радио телевизија (ХРТ).
Според нив, во водство е социјалдемократот Зоран Милановиќ со освоени 29,58 отсто од гласовите пред актуелната шефица на државата Колинда Грабат Китаровиќ која доби 26,38 отсто гласови. И тие двајца, многу веројатно ќе продолжат во вториот круг. Трет е Мирослав Шкоро со 24,10 отсто гласови додека по него следуваат Мислав Колакушиќ (5,82 отсто), Дарио Јуричин (4,36 отсто), Далија Орешковиќ (3,28 отсто), Иван Пернар (2,53 отсто), Катарина Пеовиќ (1,11 отсто), Дејан Ковач (0,93 отсто), Недељко Бабиќ (0,40 отсто), Анто Ѓапиќ (0,36 отсто).
Во текот на вечерта се очекуваат и првите неофицијални резултати од гласањето.