Баражот, сепак, е најголемо достигнување за женската ракометна репрезентација на Македонија во квалификациите за Светското првенство во Германија на крајот на оваа година. Шведска се покажа како преголем залак за избраничките на Симе Симевски кои во СРЦ „Кале“ загубија со 20:31 (полувреме 9:12) за формален реванш во вторник во Истад.
Скандинавките во целост го контролираа натпреварот. Очигледна беше разликата во квалитет на нивна страна и сосема заслужено, уште во Скопје, се најавија на собирот на најдобрите планетарни селекции во декември. Нивниот победнички ритам не се наруши ниту по 15 минутниот застој што настана во 48 минута поради прекин на електрична енергија во салата што дојде како последица на невремето во главниот град.
Елена Георгиевска беше најефикасната ракометарка на средбата со седум гола, Ливриниќ додаде четири за Македонија. Хансен, Мелегард, Санд и Гулден реализираа по четири погодоци за Шведска.
Македонија – Шведска 20:31 (9:12)
Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 1.700. Судии: Курсад Ердоган и Ибрахим Оздениз (двајцата од Турција).
Македонија: Петковска, Серафимовска, Антиќ, Гакидова 1, Ѓоргиевска 3, Бајрамоска 2, Нолевска, Георгиевска 7, Николиќ, Керамичиева, Трпковска, Јовановска, Ристовска 3, Ливриниќ 4, Саздовска, Величковска. Селектор: Симе Симевски.
Седмерци: 3/3. Исклучувања: 8 минути.
Шведска: Бундсен, Торн, Бломстранд 2, Хансен 4, Мелегард 4, Екенман 3, Стромберг, Робертс, Санд 4, Вестберг 3, Лагерквист 1, Гулден 4, Хагман 2, Јакобсен, Одем 2, Алм 2. Селектор: Ерик Лархолм.
Седмерци: 3/3. Исклучувања: 4 минути.
Баражи за СП 2017 – први мечеви
Македонија – Шведска 20:31
Чешка – Турција 29:25
Хрватска – Словенија 23:28
Украина – Шпанија 24:24
Романија – Австрија 34:29
Унгарија – Словачка 28:19
Русија – Полска 31:20
Италија – Србија 23:33
Црна Гора – Белорусија 33:26