Македонија го доби вториот претставник што ќе презими на европската ракометна сцена. Покрај континенталниот првак, Вардар, пролетни настапи обезбеди и тимот на Еурофарм Работник кој се пласира во осминафиналето во Челинџ купот.
Битолчани успеаја да се пробијат меѓу најдобрите 16 во натпреварувањето на ЕХФ по денешниот триумф во Литванија против Гранитас Каунас со 29:23 (полувреме 11:10). Еурофарм Работник славеше и во првата средба со 28:24.
Гоце Ојлески со седум гола, интернационалецот од БиХ, Елмир Граџан со пет и Дејан Пецаковски со четири погодоци беа лидери во екипата на Еурофарм Работник. Ждрепката за ривалот во осминафиналниот двомеч напролет е закажана во вторник во Виена.