Ракометарите на Вардар си поиграа со нервите на навивачите во 13. настап во Лигата на шампиони, но, сепак, успеаја да впишат два нови бода на контото и барем на 24 часа да бидат втори на табелата во групата А на коло до крајот. „Црвено-црните“ по вторпат во сезоната го совладаа Кристијанстад, сега во Шведска, со 32:30 (полувреме 16:17) за осма победа и во конкуренцијата и воопшто во досегашните пресметки со екипата од европскиот север.
Клучни во триумфот на вардарви беа Даинис Кристопанс со осум гола и голманот Гедбане со осум интервенции меѓу кои и зицер во финишот на натпреварот со кој ги откажа Швеѓаните. Осум гола за Кристијанстад постигна и Исланѓанецот Гудмундсон додека одличен на голот беше Ричард Капелин со 14 одбрани.
До крајот на настапите во групата А, Вардар го дели уште меч со Монпелје во Скопје во наредниот викенд, а конечниот пласман на табелата ќе зависи од исходите на Веспрем против Мешков Брест на домашен терен и против Кјелце на гости.