Хрватска ја совлада Австрија со 27:23 во првиот меч од втората фаза на Европското ракометно првенство и направи огромен исчекор кон полуфиналето.
Победникот во „Винер Штадхале“ беше решен во воведните 30 минути што им припаднаа на „коцкестите“ со 13:8. Тимот на Либо Червар во продолжението одржуваше предност од четири до шест гола разлика и не дозволи никаква неизвесност.
Лидер во победничката селекција беше Златко Хорват соп шест гола, по пет додадоа Домагој Дувњак и Лука Циндриќ. Шест погодоци, пак, за Австријците постигна Роберт Вебер.
Шпанија во првиот меч од денешната понуда на Европското ракометно првенство ја декласира Чешка со 31:25 и ја потврди улогата на голем фаворит што ја носеше пред натпреварот.
„Фуријата“ имаше комотни 14:9 на полувреме, предност што рутински ја задржа до крај на средбата. Алекс Душебаев и Анхел Фернандез постигнаа по пет гола за шпанската селекција додека најефикасен во мечот беше Чехот Ондреј Здрахала со осум погодоци.