Во обид да се стави под контрола пандемијата која повторно зема замав во светот, Министерството за здравство најави нови мерки за вработените во јавната и државна администрација. Според здравствените власти, донесените мерки се во насока на зачувување на јавното здравје во особено критичен период, кога се заканува нов ковид бран. Тие велат дека мерките не се начин да се спроведе „присилна вакцинација“, како што реагира јавноста, туку пристап кој веќе го користат повеќе земји во регионот, но и во светски рамки, со цел да се намали трансмисијата на вирусот и да се зголеми процентот на имунизирано население, бидејќи здравјето на граѓаните е врвен приоритет.
Од земјите во регионот, на почетокот на ноември, грчкиот министер за здравство Танос Плеврис најави построги рестрикции за сите невакцинирани или нецелосно вакцинирани граѓани во Грција. Конкретно, за да одат на работа, сите невакцинирани работници во јавниот и приватниот сектор ќе треба да приложат негативен ПЦР или брз антигенски тест двапати неделно, направен на сопствен трошок. Истиот услов ќе важи и за невакцинираните лица кои влегуваат во јавни канцеларии, трговски центри, малопродажни места, банки и места за забава.
Уредба со која се воведува условот граѓаните кои работат кај работодавач во приватниот сектор или самовработените лица кои работат по било која законска основа да бидат вакцинирани, прележани или да приложат негативен ПЦР тест беше усвоена и од Словенечката влада, уште во месец септември оваа година. Од друга страна, ПЦР тестовите не се прифаќаат како можност за влез на работни места во јавниот сектор, вклучувајќи ги и државните болници во земјата.
Во Европа пак, Германија на 1 ноември претстави нова мерка, според која невакцинираните работници нема да добиваат соодветна компензација за изгубената плата доколку бидат принудени да одат во карантин, односно доколку се позитивни на вирусот или се враќаат од патување во земји означени со висок ризик. Дополнително, германските власти ги укинаа бесплатните тестови за граѓаните, освен за оние не можат да се вакцинираат од медицински причини. Според министерот за здравство, Јенс Шпан, новите мерки се оправдани, велејќи дека „другите не треба да плаќаат заради фактот што некој одлучил да не се вакцинира“, но истакнувајќи дека сè уште е право на секој граѓанин да избере да не се вакцинира. Шпан додаде дека не станува збор за притисок, туку за правичност.
Слични мерки се веќе на сила и во Франција, кадешто дел од здравствените работници беа обврзани да се вакцинирани барем со една доза од вакцината до 15 септември, а три илјади вработени во здравствениот сектор беа суспендирани заради неисполнување на овој услов. Вакцинален сертификат за две примени дози или негативен тест не постар од 48 часа се задолжителни на повеќе јавни места во Франција. Сепак, меѓу земјите со поригорозни мерки останува Италија, којашто ги направи здравствените пропусници за Ковид-19 задолжителни за сите работници во месец октомври. Работниците кои не можат да покажат доказ за вакцинација, негативен тест или потврда за прележана инфекција ќе бидат суспендирани без надомест и ќе се треба да платат парична казна доколку продолжат да работат.