Адвокатот Сашко Бошков и бизнисмените Зоранчо Митровски од Штип и Томе Главчев од Гевгелија се најновите тројца сослушани сведоци во случајот „Рекет“ во кој првообвинет е Бојан Јовановски-Боки 13 и второобвинетата Катица Јанева, поранешна шефица на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО).

Бошков, кој покрај тоа што е адвокат на Зоранчо Митровски, исто така, е во кумска врска, тврдеше дека Јовановски, во присуство на поранешниот кошаркарски репрезентативец, Владо Илиевски, во „1ТВ“, побарал два милиона евра за да му помогне на негов клиент, акционер во „Бетон Штип“, во случајот „Поштенска банка“ како и за други истраги на СЈО во кои бил осомничен. Средбите, според него, првично биле иницирани за медиумска поддршка на Илиевски во амбицијата да стане претседател на Македонската кошаркарска федерација, но разговорите добиле поинаков тек.

Фото: prescentar.mk

На таа средба, рече Бошков, бил прашан од Јовановски дали се познава со Митровски и дали знае дека е инволвиран во случаи на СЈО. На потврдниот одговор за „Поштенска банка“, Боки 13, наводно, посочил уште неколку и рекол дека може да помогне. На прашањето „како“, добил одговор „со два милиона евра“. На тоа изреагирал бурно и по некое време си заминале од „1 ТВ“ со Илиевски. По неколку дена му пренел на Митровски што било кажано на средбата со Боки 13 и го советувал да пријави што и се случило.

Митровски: Бев исплашен од моќта на СЈО, мислам дека Јанева го искористи Јовановски

Втор сведок на денешното рочиште за случајот „Рекет“ беше токму бизнисменот Зоранчо Митровски. Тој, пак, нагласи дека бил запрепастен кога во медиумите слушнал оти е осомничен во случај на СЈО. Митровски, инаку, е почесен конзул на Летонија во земјава и долгогодишен бизнисмен кој поседува винарии на повеќе места во Европа.

Откако дознал од медиумите дека се споменува како осомничен, побарал да пристапи до обвинителите во СЈО, да однесе документи, да исконтактира со нив, но, како што вели, му било речено „се во свое време“. Бил загрижен за својата углед и чест, но, исто така, бил и исплашен, поради, како што нагласи, тогашната моќ на СЈО.

„Нарушувањето на честа и угледот не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими да дадам документи и да престане голготата, почна кокетирањето со мене. Добронамерни посредници ми кажуваа дека не е страшно, објасни сведокот.

Фото: mms.mk

Тој наведе дека Сашко Бошков му раскажал за средбата со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и што се зборувало таму, како и предлогот да даде два милиона евра за да се реши случајот.

„Бошков ми кажа што му порачал Јовановски, кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив“, потенцира Митровски, истакнуваќи дека немал намера да даде пари и додаде дека смета оти Јанева го искористила Јовановски.

Митровски, како почесен конзулат, одлучил за случувањата да го извести Алберт Сарканис, нерезидентен амбасадор на Летонија. Сараканис имал средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и му пренел. Потоа од МНР се обидувале да воспостават неофицијални контакти со Митровски.

Главчев: Боки ми рече дека сум колатералка и да бидам спокоен 

Трет сведок на денешното рочиште беше гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“. Во судницата тој сподели дека имал многу потресно искуство при сослушувањата во СЈО за друг случај и кажа дека на неговиот адвокат му била дадена листа со докази, меѓу кои имало и такви, кои воопшто не се однесувале на него.

Главчев притоа потенцира дека неговата компанија лансирала нови производи на пазарот, наменети за жени и од таа причина сакал поголем маркетинг, бидејќи конфекцијата е позната по изработка на машки кошули. Тој во повеќе наврати контактирал со Јовановски, но сите разговори биле поврзани со рекламирањето во телевизијата „1ТВ“. Сведокот раскажа дека по случувањата, односно по објавата на неговото име во медиумите како осомничен во случајот „Поштенска банка“, цената за рекламирањето се зголемила. Од договорените 40.000 – 50.000 евра на околу 100.000 евра.

Фото: inovativnost.mk

Одговарајќи на прашања на обвинителката Вилма Рускоска, Главчев рече дека неколку пати бил повикуван во СЈО во функција на сведок за случајот „Поштенска банка“.

„Тоа што го доживеав во СЈО беше изживување и предизвика големи трауми кај мене. На роденденот на мојот син, на 19 јуни во 2018 година ми беше речено дека од сведок сум станал обвинет и бев советуван да обезбедам адвокат. Бев изненаден. Адвокатот ме советуваше да не давам изјава зашто се работи за суета и тенденција на обвинителката и рече да поднесеме тужба. Јас тоа го одбив зашто гледав каква моќ има СЈО во тоа време. Се исплашив кога дојдоа со наредба за личен претрес, а по дома ми се шетаа со шмајзери“, рече низ солзи сведокот Главчев

Тој раскажа дека сам го прашал Боки 13 да не има некоја информација за случајот во СЈО, бидејќи, како што објасни, го гледал Јовановски на фотографии со обвинителите. Јовановски на тоа му одговорил „јас мислам дека си дел од колатералка и треба да бидеш спокоен“.

За петок закажано ново рочиште за „Рекет“ со нови сведоци 

Судењето за случајот „Рекет“ продолжува на 27 декември со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, а за 3 јануари на репертоарот во Кривичен суд се најавени и обвинители кои беа дел од тимот на СЈО. Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.