Преку инвеститорите како што се Akuo Energy и WPD се надевам дека ќе придонесеме за намалување на бројот на миграција кај младата популација и дека младите својата иднина ќе ја бараат во ваквите компании кои можат да им понудат услови за работа слични како во Европа, вели Виктор Андонов, советник на премиерот за енергетика во интервју за НОВА. Во ова интервју Андонов зборува за актуелната енергетска криза, предизвиците, ризиците и перспективите на македонскиот енергетски систем.

НоваТв: Како ги оценувате перформансите на енергетскиот систем во актуелната глобална енергетска криза?

– Производството на електрична енергија во Република Северна Македонија во изминатите 30 години е базирано на производството од термоелектраните и големите хидроелектрани, додека останатите потребни количини на електрична енергија континуирано се обезбедуваат со увоз. Треба да се има предвид дека државните капацитети со кои располага АД ЕСМ се изградени уште во време на Југославија, на пример последниот блок од ТЕЦ Битола е пуштен во употреба во 1988 година, а ТЕЦ Осломеј во 1980 година. Поради дотрајаноста се случуваат испади на овие термоелектрани,се намалува ефикасноста во нивното работење, се намалува искористеноста на капацитет на термо-блоковите, а тоа зависи и од квалитетот на јагленот кој се копа во РЕК Битола. Лигнитот, кој го копаме во битолско, е јаглен со најслаб квалитет, а во последните неколку години квалитетот е дополнително намален во споредба со претходните десетина години. Треба да бидеме искрени и да кажеме дека поради неповолните временски услови, хидрологијата во последните две години значително е намалена, а тоа сериозно влијае на вкупното годишното производство на електрична енергија, кое од година во година контиунирано се намалува.

Доколку ја анализираме претходната Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија, која се однесува на перидот до 2030 година, а е донесена од Владата во 2010 година, ќе видиме дека планот за постепено затварање на блоковите во РЕК Битола и РЕК Осломеј започнува од 2022 година, што е за еден месец од сега. Притоа било планирано изградба на четврти блок во ТЕЦ Битола, со отварање на рудникот Живојно, изградба на ТЕ Неготино, ТЕ Мариово, големите хидроелектрани Чебрен и Галиште, Бошков Мост, Акумулација Луково Поле, Вардарска Долина и др. Лесно можеме да заклучиме дека ниеден од овие проекти не е реализиран, а веќе сме дојдени до моментот во кој, со стратегијата од 2010 година, било планирано затварањето на блоковите во РЕК Битола.

Правиме напори максимално да го искористиме тоа со коешто располагаме.

Инвестициите во енергетиката се процес кој е долготраен, а ние, за жал немаме инвестирано многу во овие 30 години. Последните 4 години направивме сериозни чекори напред, со усвојувањето на новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетика за наредните 20 години, со што ни се отворија големи можности за инвестиции, особено во обновливи извори.

Од  нив ќе имаме бенефит дури откако тие ќе се завршат, а тоа е на среден рок. Генерално, состојбите во производството се такви, какви што се,  лично сметам дека можело да биде подобро доколку стратешки и навремено се инвестирало во енергетски производствени капацитети, сепак кога се даваат некакви оценки и предлози треба да се имаат предвид сите достапни информации и како и реалните можности.

НоваТв: Дали постојат и кои се ризиците во актуелната ситуација за енергетскиот систем ?

– Во неколку изјави, во изминатиот месец, од страна на преставници на Владата, како и од енергетските чинители во Република Северна Македонија, беше потенцирано дека за ублажувањето на ефектите од енергетската криза или стабилизирање на состојбата потребно е да го зголемиме домашното производство на електрична енергија. За таа цел АД ЕСМ направи напори за обезбедување на јаглен од увоз за потребите на ТЕЦ Осломеј и пред се за третиот блок на ТЕЦ Битола, со цел производство и обезбедување на одредени количини на електрична енергија, наменета пред се за домашните компании, кои на тој начин би ги намалиле своите зголемени трошоци за електрична енергија. Согласно информациите од АД ЕСМ, количините на јаглен за ТЕЦ Осломеј се обезбедени од Република Косово, додека за ТЕЦ Битола обезбедени се првични 90 илјади тони јаглен од Република Албанија, додека за останатите потребни количини дополнително ќе се објави нов јавен повик.

На вчерашната седница на Владата, (на 25.11.2021 година), Владата му даде согласност на АД ЕСМ времено да започне со активирање на ТЕЦ Неготино, со цел обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија кој ќе го намалат увозот, а со тоа и одливот на финансиски средства надвор од државата.

Имајќи предвид дека евентуални повторни испади на термоблоковите или недоволната техничка спремност на ТЕЦ Неготино,  би ја намалиле способноста на енергетскиот систем и одржувањето на неговата стабилност, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерот за економија донесе одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во трање од 30 дена. Формирана е комисија составена од сите чинители во енергетскиот сектор која редовно ги следи состојбите со енергетскиот систем.

Првиот чекор кој беше превземен беше префрлањето на финансиски средства на државните компании во износ од 4 милијарди денари, со кој треба да се обезбеди увозот на потребните количини на јаглен, дополнителниот увоз на електрична енергија, плаќањето на балансната енергија, како и дополнително обезбедување на резервна моќност со која се очекува стабилизација на состојбите.

Треба да бидеме свесни дека енергетската криза е со глобален ефект и дека е резултат на глобалните енергетски политики на големите земји, а со тоа да бидеме подготвени на ризикот со движењето на цената на природниот гас и електричната енергија на европските берзи. Ако направиме едноставна анализа на состојбата, по информацијата дека сертификацијата на Северен тек 2 е стопирана од страна на регулаторот во СР Германија, лесно ќе забележиме дека имаме значителен пораст на цената на природниот гас и на електричната енергија.

НоваТв: Што се случува со Зелената агенда и ангажирањето на обновливите извори на енергија?

– Претходно напоменав дека во последните четири години правиме навистина сериозни чекори за развој на енергетиката и зголемување на производството, особено од обновливи извори, а тие се овозможени со донесувањето на новиот Закон за енергетика и новата Стратегија за развој на енергетиката. Владата на Република Северна Македонија во декември 2019 година ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, кој е прв документ во земјите од Енергетската заедница, во кој се интегрирани политиките за енергија и за клима и кој се базира токму на принципите на исполнување на целите кои произлегуваат од европскиот „Зелен договор“. Најголеми двигатели на зеленото сценарио се фотонапонските централи и ветерните електрани, предвидено е до 2040 година да се изградат околу 1400 MW фотонапонски електрани, како и над 750 MW на ветерни електрани. Заедно со производството на електрична енергија од хидро електраните, се предвидува дека во 2040 година 80% од произведената електрична енергија ќе биде од обновливи извори. Сведоци сме дека оваа стратегија заедно со политиките на Владата придонесе Република Северна Македонија да се најде на мапата на голем број на инвеститори во обновливи извори на енергија и како резултат на тоа предвидените капацитети за 2040 година може да се остварат и многу порано.

Во насока на зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, Со Законот за енергетика донесен во 2018 година, за прв пат го воведовме механизмот на премиум тарифи, како подршка за изградба на фотонапонски електрани на целата територија. Усвоен e и цел сет на подзаконски акти со кој се промовира искористувањето на обновливите извори на енергија, пред се на фотонапонските електрани.

Во текот на 2019 и 2020 година, успешно беа спроведени две постапки за доделување на премиум тарифи, од кои едната на државно земјиште а другата на приватно земјиште. Постигнавме одличен резултат, беа потпишани Договори за изградба на 60 MW фотонапонски електрани, притоа поради транспарентната постапка во Буџетот на државата беа уплатени 2.7 милиони евра како резултат на електронската аукција. Со уплатените средства се обезбедува исплатата на премиум тарифата за сите 60 MW за наредните 7 години, што значи од Буџетот нема да биде исплатен ниту еден дополнителен денар. Колку за споредба, секоја година од страна на сите граѓани се исплаќаат милиони суми во евра, како субвенција за изградени само 18 MW фотонапонски електрани, изградени во периодот пред оваа Влада.

Во втората половина на 2021 година, беше спроведена нова постапка за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани, повторно резултатот е одличен, за понудена квота од 80 MW пристигнати се понуди за вкупно 207 MW, кои во овој момент се евалуираат и оптимистички очекувам во декември да се организира електронската аукција. Уште сега со сигурност можам да кажам дека ќе има огромна конкуренција, а со тоа и премиумите кои ќе бидат исплатени ќе бидат помали. Ова е само доказ дека концептот за подршка преку премиум тарифа е одличен начин за зголемено искористување на сончевата енергија, која мора да признаеме, ја имаме во изобилие, а за жал во минатото не била искористена соодветно.

Од она што веќе го финиширавме треба да се истакне дека е завршена изградбата на првата 10 MW фотонапонска електрана во сопственост на АД ЕСМ на стариот рудник во РЕК Осломеј, додека потпишани се и договори за изградба на две електрани од по 50 MW со приватни инвеститори, исто така на локацијата на стариот рудник во РЕК Осломеј. Проекти кои се препознаени од Енергетската заедница, но и други релевантни европски институции како едни од најдобрите за преминување кон чисто производство на електрична енергија. Во моментот во фаза на изработка се и технички студии за изградба на нови 10 MW фотонапонска електрани во РЕК Осломеј, како и на нови 160 MW фотонапонски електрани во РЕК Битола, проекти финансирани од Европската банка за обнова и развој и германската развојна банка KfW. Со сите овие проекти, реализираме праведна транзиција на РЕК Осломеј во капацитет кој не загадува, а ќе произведува електрична енергија речиси исто како кога термоелектраната беше во најдобра форма, а сите знаеме дека производството од Осломеј изминатите години беше минимално.

Владата издаде и овластувања за изградба на неколку ветерни парка со вкупен капацитет од 110 MW и со постојниот ветерен парк Богданци, бројката ќе се заокружи на 150 MW.

Напорите на Владата во исполнувањето на Зелената агенда се препознаени од страна на меѓународните институции, пред се од Енергетската заедница во Виена, но и од Европската комисија и истото е поздравено и нотирано постојано во нивните годишни извештаи. Токму поради тоа достапни ни се и механизми за искористување на грант средства за изградбата на предвидените проекти, како и достапност на кредитни линии со ниски каматни стапки од меѓународните финансиски институции.

Еден од клучните проекти за енергетската транзиција и исполнувањето на целите од Зелениот Договор е изградбата на ХЕЦ Чебрен, за што во моментот се води постапка за избор на најповолен понудувач и во игра се 9 сериозни компании, најголем дел од нив од Европа, што во секој случај е потврда за добрата имплементација на европското законодавство во националното законодавство.

НоваТв: Германската компанија WPD, ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана. Какво е значењето на оваа инвестиција? И дали истата компанија предвидува и други инвестиции во државата?

Голема и значајна инвестиција. WPD е сериозен инвеститор кој доаѓа од Германија и е присутен во 28 земји во светот, кој во своето портфолио располага со инсталиран капацитет од над 5000 MW, пред се ветерни електрани, како и фотонапонски централи. Во моментот имааат над 3200 вработени и развиваат проекти со инсталиран капацитет од над 25 илјади MW низ целиот Свет.

Изградбата на ветерниот парк „Вирови“ со инсталиран капацитет од 415 MW и предвидена инвестиција од околу 500 милиони евра ќе биде еден од најголемите ветерни паркови во регионот, истиот се наоѓа на подрачјето на општините Старо Нагоричане и Крива Паланка и значително ќе придонесе за економскиот развој на овој регион кој во стратегијата за регионален развој која беше усвоена од Собранието во 2020 година е посочен како регион во кој речиси и да нема производни капацитети за електрична енергија. Проектот комплетно е во согласност со зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и е одличен показател за реалната реализација на ова сценарио. Производството на електрична енергија од овој ветерен парк е проценето на 1300 GWh и ако го споредиме со домашното производство од АД ЕСМ во последните 5 години, произлегува дека со овој проект, ќе се зголеми производството на електтрична енергија за околу 30%.

Донесувањето на Законот за стратешки инвестиции беше иницијалната каписла за влез на овие сериозни инвеститори во Република Северна Македонија, а лично очекувам истите да повлечат и други сериозни инвеститори пред се од Западна Европа.

НоваТв: Најавена е голема стратешка инвестиција од Франција во изградба на соларни постројки. Што ќе и донесе оваа инвестиција на Македонија?

Станува збор за првата француска инвестиција во Република Северна Македонија, на компанијата Akuo Energy од Париз и тоа во износ од околу 270 милиони евра. Компанијата Akuo Energy е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1100 MW на електрани од обновливи извори, воглавном фотонапонски електрани низ целиот свет. Во моментов, во фаза на проектирање, развој и изградба имаат над 2400 MW во САД, Уругвај, Индонезија, Полска, Португалија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Австралија и во неколку земји во Африка.

Akuo Energy ќе гради фотонапонска електрана со инсталиран капацитет од 350 – 400 MW на локацијата каде требаше да се гради карго аеродромот во Штип. На оваа локација нема да се гради карго аеродром и одлучивме да направиме анализи на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето како и оддалеченоста од преносната мрежа, по што беше заклучено дека истата има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана.

Оваа фотонапонска електрана ќе биде една од најголемите во Европа. Производството на електрична енергија е проценето на 600 – 650 GWh и е поголемо за 16% во однос на моменталното домашно производство на електрична енергија од АД ЕСМ. Со самиот влез на Akuo Energy во Република Северна Македонија, ние стануваме препознатливи кај големите инвеститори, во случајот и кај сериозните компании од Франција пред се во секторот на енергетика. Со присуството на француските компании во Република Северна Македонија очекувам да ја подобриме и нашата меѓународна позиција, пред се во делот на преговорите за членство во ЕУ.

НоваТв: Кои се социјалните бенефити од ваквите инвестиции?

За жал во последната деценија сведоци сме на се поголемо иселување на младите во некоја од западноевропските земји, САД или други змеји, пред се поради можностите за личен и економски напредок кои овие земји ги нудат. Еден од начините преку кој може да се запре или намали ова иселување е ако успееме да донесеме некои од големите европски или светски технолошко развиени компании токму во Северна Македонија, кои ќе отвораат нови поатрактивни работни места, ќе обезбедуваат солидни плати и на тој начин ќе ги задржат висококвалификуваните и обучените кадри во нашата земја, за да и самите они придонесуваат за развојот на државата.

Токму преку инвеститорите како што се Akuo Energy и WPD се надевам дека ќе придонесеме за намалување на бројот на миграција кај младата популација и дека младите својата иднина ќе ја бараат во ваквите компании кои можат да им понудат услови за работа слични како во Европа.

Очекувам овие компании кои имаат успешни приказни во сите држави каде што се активни и делуваат, пред се да ги промовираат европските вредности, како и придобивките од европските вредности во нашето општество. Мора да се истакне дека се работи за реномирани, успешни и добро познати компании во своите држави и пошироко, очекувам истите да ни го пренесат своето знаење, искуство, технологиите со кои работат и на тој начин, преку нивното делување во нашето општество, да се обидеме да ја подигнеме свеста и нашето делување со цел обезбедување на подобри услови и квалитетен живот за сите граѓани.

Токму тоа се совпаѓа и со политиката на Владата, во промовирањето на концептот „Европа дома“, со цел задржување на младите во Северна Македонија.

НоваТв: Какви се проекциите кога Македонија ќе може да биде енергетски одржлива од новите извори на енергија ?

Ако ги земеме само овие два проекти, погоре наведени, ќе констатираме дека производството на електрична енергија, само со нивна изградба, би се зголемило за околу 40% во однос на сегашното домашно производство на електрична енергија. Ако на тоа го додадеме и проценетото производство на електрична енергија од ХЕЦ Чебрен, кое е проценето на 1200 GW, ќе дојдеме до околу 3000 GWh, или исто колку годишното производство на електрична енергија од јаглен.

Согласно зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката, предвидено е и изградба на гасни централи, пред се за замена на термоелектраната ТЕЦ Битола, но и за зголемување на сигурноста на системот имајќи предвид дека гасните електрани се флексибилни, за што во моментот се очекува да започне изработката на физибилити студијата, која е неопходна за почеток на техничка подготовка како и за обезбедување на потребните финансиски средства.

Постојат и неколку иницијативи за дополнителна гасна електрана од 110 MW од страна на сериозен странски инвеститор, чие име нема да го споменам, се додека истиот официјално не поднесе апликација за својата стратешка инвестиција во Северна Македонија, како и на активирање на ТЕЦ Неготино како гасна електрана во наредните 2 до 3 години.

Со сериозните инвестиции во гасификацијата во наредните години, верувам дека во периодот од десетина години што следи пред нас, ќе успееме конечно сами да си ја обезбедуваме потребната количина на електрична енергија, да ја намалиме увозната зависност затоа што оваа криза покажа дека таа е клучна за обезбедување на ликвидност и на компаниите, да ја зголемите сигурноста во снабдувањето и дополнително да извезуваме во зависност од потребите на нашиот енергетски систем.

Борјан Јовановски