Д-р Малинка Ристевска Јорданова, член на УО на Институтот за Европски политики Скопје и поранешна директорка, која важи за добар познавач со долгогодишно  искуство во креирањето и спроведувањето на политиките поврзани со ЕУ во Македонија и во регионот, позитивно одговори на нашата покана за интервју по најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава. 

–Она што е добро е што во демократски институции и јавна администрација, владеење на правото и темелни права Комисијата констатира напредок, иако ние самите не би требало да бидеме задоволни со неговата динамика. Она што загрижува е што во некои поглавја континуирано нема или има слаб напредок – како што се на пример Конкуренција, Животната средина, Сообраќајна политика, Слободно движење на стоки, Заштита на потрошувачите и здравствена заштита. Ова се поглавја што имаат непосредно влијание и врз животот на граѓаните и врз користењето средства од европските фондови“, оценува меѓу другото Ристевска Јорданова за најновиот извештај на ЕК.

НоваТВ: Госпоѓо Ристевска Јорданова, го  добивме 20-иот извештај за напредокот  во реформскиот процес од страна на ЕК, кој заклучок би можеле да го извлечете генерално, како ви прозвуче тој? 

И овој извшетај, како и ланскиот дава аргументи за почеток на преговорите. Фокусот и во настапот на комесарот и дискусијата во Европскиот парламент беше токму на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Инаку во самата содржина на Извештајот, како и порано, има констатирано и напредок и слабости и дадени се препораки. Она што е добро е што во демократски институции и јавна администрација, владеење на правото и темелни права Комисијата констатира напредок, иако ние самите не би требало да бидеме задоволни со неговата динамика. Она што загрижува е што во некои поглавја континуирано нема или има слаб напредок – како што се на пример Конкуренција, Животната средина, Сообраќајна политика, Слободно движење на стоки, Заштита на потрошувачите и здравствена заштита. Ова се поглавја што имаат непосредно влијание и врз животот на граѓаните и врз користењето средства од европските фондови.

Покрај тоа, загрижуваат хроничните болки на хоризонтално ниво – нискиот капацитет за креирање и спроведување политики, слабата меѓуинституционална координација, застој во децентрализацијата, нискиот капацитет за водење и спроведување проекти…

Од друга страна, две поглавја имаат добро ниво на усогласеност и континуиран напредок, иако не се воопшто едноставни – поглавјата на Безбедност на храната и Царинска унија.

НоваТВ: Во овој извештај за направеното во одредени области се употребува терминот „земјата е умерено подготвена“.Таков е случајот кога се нотира сферата за владеење на правото како и делот за  борбата со корупцијата. Како експерт за оваа област,што значи изразот „ умерено подготвена“ може ли да ни „ дешифрирате“?

На скала од 1 до 5, тоа е 3. Комисијата оценува два аспекти: подготвеност за преземање на обврските од членството и напредок. Првото се проценува во однос на целокупното acquis – она што се обврски во моментот на членството (во скала од 1-5), второто е напредок од минатогодишниот извештај (во скала од 1-4). Нема измени во однос на нивото на подготвеност. Напредокот е нешто помал од минатата година досега, ододшто во претходниот едногодишен период.

НоваТВ: Дали со оваа терминологија на нас гледаат како да не сме целосно подготвени да ги почнеме преговорите или оваа оценка е за да се утврди стадиумот до кое ниво сме?

Второво – да се утврди стадиумот на кој сме. Треба да се има предвид дека Комисијата тешко дава повисока оценка за ниво на подготвеност. Ова е заради долгорочноста на процесот, постојаното менување на acquis со кое треба да се усогласувате, а во некои области – секако, и поради недостатокот на реформи.

НоваТВ: Долги години работите на полето на ЕУ но секако дека сте запознати и со новата методологија за пристапните преговори. Реално, колку сме подготвени  да влеземе во овој процес, но не само да влеземе, туку квалитетно да поминеме низ него и исто така да  излеземе? 

Подготвени сме да влеземе во процесот, па и да излеземе, не сме подготвени квалитетно да го сториме тоа.

Новата методологија многу го усложнува пристапувањето. Три аспекти би нагласила: Првиот е дека сега главното внимание е на политичките и економските критериуми, за кои има малку „тврдо право“ на ЕУ. Тоа остава простор за различни толкувања на мекото право, најдобрите практики, препораки од различни тела и бара силен капацитет за да го изнајдете сопственот прикладен пат, кој одговара на вашите уставни и правни традиции и култура. Вториот аспект е т.н. „политичко водство на процесот“, што допрва ќе видиме како се развива. Сосема јасно е дека е зголемена улогата на државите членки. Ако кон тоа се додаде и политичкиот диверзитет на ниво на ЕУ и во државите членки, јасно е дека ќе треба да се мине низ „сцили и харибди“. Поради принципот на едногласност – постојат многу можности за блокади од страна на државите членки – како на пример, при секое отворање кластер, поставување одредници, секое затворање на поглавје, а дополнително и принципот на реверзибилност.

Многу повеќе треба да водиме сметка за квалитетот на самиот процес, одошто на формалностите во него.

НоваТВ: Во јавноста се стекнува впечаток дека премногу е исполитизиран целиот процес. Ако порано беше со Грција, сега е со Бугарија. Каде го гледате излезот?

Точно е, премногу е исполитизиран процесот, и не само што е исполитизиран, туку билатералните блокади како грчката, а сега особено бугарската, целосно го компромитираат. Излезот го гледам единстено во наша долгорочна стратегија и тактика – треба да се поставиме кон целиот процес, а не само кон следниот чекор, како што е сега случајот со фокусот на отворањето на првата меѓувладина конференција. Таа е, сепак, само „официјален“ почеток на преговорите, како што кажува и ЕК. Со брзи непромислени отстапки ќе се вовлечеме во магичен круг. Секако, треба да се проценат и пресретнат ризиците.

Во секој случај, неопходно ни е внатрешно зајакнување  – и политичко и на институционалните капацитети, како и поголема инклузивност  и користење на сите потенцијали кои можат да придонесат за ние да можеме да го водиме процесот квалитетно, секако со поддршка на ЕУ и другите партнери, а не да бараме избрзани и кусорочни решенија – и на надворешен и на внатрешен план.

Мирјана Трпческа