Романскиот министер за правда Флориан Јордаке денеска поднесе оставка поради спорната владина уредба за декриминализација која е повлечена по повеќедневните масовни протести и осудата од меѓународната заедница.
-Поднесов оставка. Се што направив беше легално, изјави Јордаке за новинарите, пренесува Ројтерс.
Романскиот премиер Сорин Гриндеану неодамна изјави дека е можно да го смени министерот за правда поради спорната уредба за декриминализација на обвинетите функционери за корупција.
Владата, која вчера го преживеа гласањето за доверба во Парламентот, ја повлече уредбата, но сега планира да ја спроведе во вид на закон.
Со денови стотици илјади Романци протестираа во повеќе градови барајќи оставка од Владата.