Русија протера седуммина вработени во данската амбасада во Москва како одмазда за сличниот потег на Копенхаген минатиот месец, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Министерството соопшти дека ги прогласило вработените во данската амбасада за „персона нон грата“, додавајќи дека отворената антируска политика на Данска сериозно им наштетува на билатералните односи. Москва го задржа правото да преземе дополнителни чекори како одговор, се вели во соопштението.

Данското Министерство за надворешни работи потврди дека било информирано дека четворица дипломати и уште тројца вработени во нивната амбасада во Москва ќе бидат протерани. Министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, рече дека протерувањето е „целосно неоправдано и длабоко проблематично“ и подвлече дека Русија „повеќе не сака вистински дијалог и дипломатија“.