Тим од истражители составен од претставници на руските специјални служби, истражниот комитет и Министерството за надворешни работи, замина за Турција за да се приклучи на истрагата за убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов, соопшти портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Агенцијата Тас јави дека тимот е составен од 18 луѓе. Според Песков ова е договорено во телефонскиот разговор меѓу турскиот претседатела Реџеп Таип Ердоган и рускиот Владимир Путин.
Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров изјави дека очигледно оној кој стои зад убиството на амбасадорот сакал да го оневозможи процесот на нормализација на односите меѓу Русија и Турција пред се со цел да спречи ефикасна борба против тероризмот во Сирија.
Сириското министерство за надворешни работи најостро го осуди нападот, нарекувајќи го кукавички чин.
САД ги затворија дипломатските претставништва во Турција
САД веднаш ги затворија сите свои дипломатски претставништва откако недалеку од амбасадата во Анкара беше уапсено едно лице, неколку часа по атентатот врз рускиот амбасадор.
Како што јавуваат агенциите оваа мерка е донесена поради внимателност.
Покрај амбасадата во Анкара затворени се и конзулатите во Истанбул и во Адана.
Турската полиција синоќа приведе едно лице кое во близина на американската амбасада во Анкара пукало во воздух, само неколку часа по атентатот. Повикувајќи се на агенцијата анадолија, светските медими објавија дека лицето испукало 8-9 куршуми во воздух од пушка што претходно ја носело под капутот.
Уапсени членови на семејството на атентаторот
Турската полиција уапси четири лица по убиството на рускиот амбасадор во Анкара, пренесува агенцијата „Анадолија“. Властите наведуваат дека убиец е 22 годишниот Мевлут Мерт Алтинас кој бил припадник на полициските сили за разбивање нереди во последните две ипол години.
„Анадолија“, повикувајќи се на свои извори, јавува дека семејната куќа на Алтинас во западниот дел на земјата е претресена и дека се приведени неговиот татко, мајка и сестра. Агенцијата притоа нагласува дека полицијата извршила претрес и на неговиот стан во Анкара пришто е приведен и цимерот кој исто така бил припадник на полициската единица за разбивање на нереди.
Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, синоќа им подлегна на повредите здобиени за време на говор при отворање на изложба во Анкара. Агенцијата „Асошиејтед прес“ наведува дека во моментот на обраќање на Карлов пред присутните, едно лице во костум и вратовска одеднаш извикало „Алах е голем“ и истрелало осум куршуми во телото на рускиот државник.




