По квалификацијата на граѓаните на Македонија како „талог на општеството“ актуелниот премиер Мицкоски, во новогодишно интервју ја продолжува својата кампања на поделба на народот, нарекувајќи ги сите неистомисленици „медиокритети“.
Овој начин на обраќање кон граѓаните е преземен од моделот на Вучиќ и СНС во Србија кој доведе до целосна поделба и омраза во општеството. Целта беше предизвикување конфликти заради зачувување на власта. „Подели па владеј“!
Како што најавува Мицкоски во своето обраќање, кампањата за „мигранти“ не започнала од СДСМ, туку, наводно, била вклучена некаква странска сила. Деталите не ги сподели со јавноста (вели дека ги чува за подоцна, веројатно за почетокот на кампањата), но затоа ги споделил со својот близок, како што вели, загрижен пријател Орбан.
Можеби и имаат причини за загриженост, особено Мицкоски, по изгласаниот и потпишан од претседателот на САД, Доналд Трамп – Закон за Западен Балкан, закон усвоен со посебен акцент на криминалот и корупцијата на Балканот.
Кога веќе зборуваме за тие „блиски“ пријатели, да не речеме деловни партнери, денес имавме можност да видиме како поминуваат тие таканаречени пријателства, како оние со блиските пријатели на Вучиќ.
Еден од тие блиски пријатели, претседателот на Венецуела, утринава беше цел на дејствија од страна на САД поради криминални активности поврзани со дрога. А Вучиќ само пред четири месеци најави блиска соработка со Мадуро.
Мицкоски, пак, најавува соработка со, како што вели, блискиот пријател Виктор Орбан, кого ЕУ го обвинува за корупција по скандалот со имотот што се води на името на неговиот татко. Според сите анкети во Унгарија, Орбан се очекува да ги загуби изборите во април од опозицијата.
Карактеристично за овој момент е што против сите овие десничарски политичари се отворија сериозни теми за криминал и корупција.
Она што го изјави Мицкоски на темата мигранти и наводното учество на странски сили е уште еден од многуте докази за „copy-paste“ кампањата на Вучиќ и СНС од Србија.
Сега од Мицкоски очекуваме, по сценариото на Вучиќ, да обвини некои земји од ЕУ, а можеби и Русија, како што Вучиќ ја обвини Европа за „Обоена револуција“.
Повторно може да го употреби и терминот „хибридна војна“, кој Мицоски веќе еднаш го користеше кога немаше одговори за катастрофалната состојба.
Ваквиот пристап, обвинувања за вмешаност на други држави, заедно со усвојувањето Закони за обвинителството и судството кои токму сега се спроведуваат со цел целосна контрола ја оддалечуваат Македонија од европскиот пат.
Поставувањето услови кон Европската унија, заострувањето на односите со Бугарија и заробувањето на правната држава се само почеток на изолацијата на Македонија. Целта е по секоја цена да се остане власт по планираните предвремени избори и продолжување со криминалот и корупцијата, финансирани преку проектот „мигранти за пари“!
Како што самиот Мицкоски најавува, тој предвидува уште два или три мандати на оваа организирана група ВМРО-ЗНАМ, во народот позната како „тендер-коалиција“.
Човек, кој како премиер на една држава, јавно осудува луѓе врз основа на лажни вести од сопствените соопштенија, обвинува лица кои одамна не се во политика врз основа на сопствени измислици, на сите им ја предлага Попова Шапка за одмор, како што Вучиќ им го предлага Борско Езеро на своите граѓани.
Сето тоа додека Мицкоски носи часовник од 60.000 евра, по углед на својот ментор од Будимпешта и неговите очила од 60.000 евра.
Уште полошо, кога се најавува купување нов авион за лични потреби, со пари на граѓаните на Македонија, а истовремено изјавува дека Македонија е една од најсиромашните во Европа?!
Колку самобендисаност во само еден настап.
Во ова интервју, каде очигледно дека самиот си ги пишувал прашањата, повторно по примерот на Вучиќ, кој сам прашува и сам одговара, Мицкоски ја искористи приликата и да го брани Героски, својот личен медиумски аѓутант, а индиректно и своите кукавички јајца поставени во СДСМ, во ликот на Јован Деспотовски.
Какво лицемерие!
Пред почетокот на кампањата најавува борба против корупцијата. Веројатно таа борба планира да ја покаже преку медиумски настапи на Катица Јанева и Боки 13, бидејќи преку реформа на правосудството сигурно нема да може – и тоа ќе биде уште една причина за блокирање на ЕУ-интеграциите.
Со оглед на тоа што Мицкоски ги стави во свои канџи речиси сите институции, за да ни ја докаже својата „желба“ за борба против криминалот и корупцијата, ПРЕДЛАГАМЕ ПРВО ДА СЕ УАПСИ СЕБЕСИ!
Докази има колку што сака.
Со тоа би ни покажал дека навистина сака реформи, прадва и дека верува во правосудството. Така сигурно би ја добил и довербата на граѓаните, а можеби некој би поверувал дека нема фабрикувани вести создадени во кујната на лаги на ВМРО.
Што се однесува до обвинителството, може да почне од оние скандали со 161 тендер за својот другар, па да продолжи по листата на Антикорупцискиот тим (АКТ) на СДСМ. Веќе тука има доволно работа, а наскоро ќе има уште многу документи за тужби.
Покрај сето ова, Мицкоски најавува и козметички промени во ВМРО. Кого и да го постави, повторно ќе биде некој од неговата лична, тендерска приказна, со слоганот: „Во Македонија постои едно царство –другарството на Мицкоски“. Така уште некои другари од детството ќе добијат по уште 161 тендер, десетици милиони евра… Тука е и исплатата кон ЗНАМ за предавството.
Таму одат „трошки“ од по неколку милиони евра, но тие не се лутат – „не се скапи“. Во нивниот ценовник евтино ја продаваат услугата предавство на татковината.
Мицкоски најавува „зголемување“ на пензиите и платите. А дупката во буџетот? Нема врска, ќе стигнат кредити за мигранти. Кога тоа ќе се потроши, ќе види што понатаму.
Можеби и ние имаме некој литиум да го дадеме за уште малку пари за лични тендери. Тоа што државата ќе биде целосно уништена? Нема врска, тие нема да бидат тука.
Затоа служи авионот – да ги пренесе на некоја ексклузивна дестинација (може и Белизе, таму веќе се познати), каде што ќе трошат чесно украдени пари од граѓаните на Македонија.
Така изгледа оваа шверцерска или „шибицарска“ политика на Мицкоски. Каде што топчето се крие зад секојдневен дефокус со измислени теми како Дубаи, Венеција, Сент Мориц, Харис Џиновиќ, скокови во далечина. Листата е долга. Сите граѓани знаат како завршуваат оние што ќе поверуваат во оваа игра и ќе се впуштат во неа. Секогаш победник е оној што ја врти празните кутивчињата или т.н. „шибицар“.
Дали граѓаните на Македонија сакаат уште да го гледаат ова? Дали сакаат да се вратат една деценија наназад или сакаат чекор напред? Дали сакаат чекор кон ЕУ или назад во мракот што го осмисли, реализира и денес управува со него Груевски, преку својот ученик Мицкоски?
Тој, по една деценија бегство од издржување затворска казна, пишува економска програма на ВМРО за 2026 година, која официјално ја претставува на социјалните мрежи.
Ако има уште некој кому не му е јасно што прават, ќе му стане јасно кога ќе започнат со кампањата и со објавување на предвремените избори.
Тоа нема да бидат избори за нов мандат на влада. Тоа ќе биде можност за референдум!
Избор меѓу: Европска иднина или криминал и корупција.
Ќе биде лесно, изолација или интеграција.
На граѓаните им останува тогаш да одлучат!






