СДСМ денеска побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по случајот со припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој заврши во притвор под сомнение за семејно насилство.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, изјави дека станува збор за уште еден скандалозен случај кој, според неа, ја покажува состојбата во безбедносниот систем.
Обезбедувањето на Мицкоски е под директна надлежност на министерот Панче Тошковски. Ако полицајците на Тошковски се тепачи и учесници во семејно насилство, нема систем што може да се воспостави за превенција ниту пак заштита на жртвите, рече Поповиќ.
Таа оцени дека насилството во државата станало секојдневие и наведе повеќе случаи на семејно, врсничко и друго насилство, тврдејќи дека институциите не реагираат соодветно.
Од СДСМ порачаа дека одговорноста е директно кај Тошковски и повторно побараа негова оставка.




