Утре Скопје ќе се обои во црвено. Сексуалните работни/ци/чки по 14 пат ќе продефелираат во македонската метропола со цел да се слушне нивниот глас и барања за декриминализација на сексуалната работа и за правна рамка за регулација на истата. Сексуална работничка, во интервју за НоваТВ по повод утрешниот Меѓународен ден за „СТОП на насилството врз сексуалните работници“, вели: – Пред околу 7 години бев сексуално малтретирана од страна на тројца клиенти. Иако сакав, сепак случајот не можев да го пријавам во полиција бидејќи ми беше страв поради фактот дека ќе бидам исмејувана од страна на полициските службеници поучена од претходни случаи, кога мои колешки и пријателки пријавувале насилство во полиција а не добиле праведен третман само затоа што се занимаваат со сексуалната работа, вели за НоваТВ давателка на сексуални услуги. – Се додека нашата професија не е признаена како и секоја друга, потежок е пристапот до правда, како и до други социјални и здравствени услуги од страна на институциите. Тоа е една од причините, зошто ние, сексуалните работници бараме декриминализација на сексуалната работа.  Со правна регулација на нашата работа би ни се овозможиле безбедни услови за работа и живеење, вели таа.

НоваТВ: Утре го одржувате традиционалниот марш на црвените чадори. Кои пораки ќе ги испратите до јавноста и институциите?

– Оваа година, ние, сексуалните работници, здружени во СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и нашите поддржувачи ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ, се приклучуваме кон глобалното одбележување на 17-ти декември-Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, и по тој повод ќе го организираме по четиринаесетти пат традиционалниот Марш на црвените чадори.

Маршот, ќе се одржи во Скопје на 17.12.2021 (петок), и ќе започне во 12 часот, од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на ул. Македонија и ќе заврши на плоштад „Филип II“. Пред започнување на маршот, сексуални работници ќе дадат изјави за медиумите.

Со овогодинешната кампања, повторно ќе ставиме акцент на потребата од декриминализација на сексуалната работа како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работничките и здравствените права на сексуалните работници, како и итноста од донесување нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија.

НоваТв: Како е да се биде давател на сексуални услуги, во општество како нашево, доминантно традиционално и кое сеуште гледа како на табу на овие теми. Како се најдовте во ситуација да заработувате преку најстариот занает во светот. Може ли да се живее од него ?

– Како сексуална работничка работам повеќе од 10 години, и задоволна сум со својата професија, бидејќи можам да заработам доволно за сè што ми е потребно. Работам самостојно, доброволно, и луѓето не смеат да мислат дека сум жртва на трговија со луѓе. Меѓутоа, ситуацијата со сексуалните работници во нашето општество е далеку од сјајна. Во ова патријахално општество, ние сексуалните работници сме често навредувани, злоупотребувани и малтретирани од општата јавност, институциите па дури и од најблиските, бидејќи продаваме сексуални услуги. Многу често се соочуваме со стигма и дискриминација и поради страв не можеме да ги пријавиме таквите случаеви. Пред околу 7 години бев сексуално малтретирана од страна на тројца клиенти. Иако сакав, сепак случајот не можев да го пријавам во полиција бидејќи ми беше страв поради фактот дека ќе бидам исмејувана од страна на полициските службеници поучена од претходни случаи, кога мои колешки и пријателки пријавувале насилство во полиција а не добиле праведен третман само затоа што се занимаваат со сексуалната работа.

НоваТВ: Ќе ни опишете ли како изгледа еден ден на сексуална работничка: по број на клиенти, од аспект на односот на клиентите кон вас и од аспект на безбедноста во која ја извршувате оваа работа?

– Сексуалните работници водат нормален живот како и сите други, единствено би можела да напоменам дека во нашата професија никој не ти наложува како и кога да работиш. Самостојно одлучуваме како ќе работиме, сами си ги избираме клиентите и сами си го одбираме работното време. Меѓутоа сепак безбедноста не ни е загарантирана. Се додека нашата професија не е признаена како и секоја друга, потежок е пристапот до правда, како и до други социјални и здравствени услуги од страна на институциите. Тоа е една од причините, зошто ние, сексуалните работници бараме декриминализација на сексуалната работа.  Со правна регулација на нашата работа би ни се овозможиле безбедни услови за работа и живеење.

НоваТВ: Се залагате за декриминализација на сексуалната работа и за нов правен акт за сексуалните работници. Што мислите, зошто толку тешко се одвиваат овие процеси.Каде го лоцирате застојот?

– Ние, сексуалните работници во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ, веќе отпочнавме со процесот за барање на декриминализација на сексуалната работа во нашата земја. Преку неформалната Платформа за декриминализација на сексуалната работа која се состои од повеќе организации и поддржувачи, поднесовме предлог-иницијатива до надлежните органи за измени на Кривичниот законик (Член 191) и Законот за прекршоци против јавен ред и мир (Член 19) по кои се казнуваат одредени активности поврзани со сексуалната работа. Последователно како одговор кон доставената предлог иницијатива, од Министерството за правда како надлежен орган за измени на Кривичниот закон не информираа дека постапката за декриминализација на сексуалната работа треба да започне од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи. Токму поради префрлувањето на „топката“ од една на друга институција, се прави застој во целиот процес. Меѓутоа не застануваме тука, продолжуваме понатаму, бидејќи сметаме дека декриминализацијата на сексуалната работа е најдобра правна рамка за регулација, и ќе  придонесе за намалување на насилството врз  нашата заедница, особено родово базираното насилство, намалување на стигмата и дискриминацијата која е присутна секојдневно во нашите животи, ќе не охрабри да пријавуваме насилство, и ќе овозможи заштита на нашите човекови и работнички права.

НоваТВ: Време на пандемија. Дали претрпевте штета, дали се најдовте во некоја од програмите за помош на владата?

– КОВИД-19 пандемијата придонесе кон зголемување на многубројните здравствени и социјални нееднаквости помеѓу ранливите популации како што се сексуалните работници. Ние, како маргинализирана група на граѓани се соочивме и се уште со соочуваме со низа проблеми и потешкотии бидејќи сме исклучени од владините мерки за помош и заштита од КОВИД-19. Пандемијата влијае негативно врз нашата општа благосостојба, меѓусебната интеракција, финансиските средства, основните средства за живот, како што се домување, храна, и сл. Дополнително, постоечките законски казни, политики и воспоставената пракса на непризнавање на сексуалната работа како работна дејност, не само што во услови на здравствена криза ја онеспособуваат нашата економската моќ, туку и jа зголемуваат нашата ранливост на КОВИД-19. Во услови кога сексуалната работа не е конкретно правно регулирана и признаена како дејност, ние како маргинализирана заедница не сме во можност да ги користиме економските мерки кои важат за останатите граѓани, и не можеме да работиме во здравствено контролирани околности кои овозможуваат заштита и придонесуваат кон спречување на ширење на пандемијата.

НоваТВ: Кој се посега по задоволство од сексуален работник. Дали клиентите може да се разграничат по возрасна, социјална, полова или етничка припадност?

– Најчесто сексуалните услуги ги користат мажи. Јас како сексуална работничка имам свој принципи и не прифаќам понуди од малолетни лица и така да исклучиво нудам сексуални услуги на полнолетни лица. Останатото и не ми е толку битно како што се социјална и етничка припадност.

НоваТВ: Вмрежени сте со организациите во регионот. Не интересира како останатите општества од популарно наречениот Западен Балкан ги третираат сексуалните работници?

– СТАР е членка на повеќе меѓународни мрежи во Европа и регионот, и ставот на сите организации членки во овие мрежи за најдобар модел за регулација на сексуалната работа е токму декриминализацијата. Декриминализацијата значи промена на  постоечките закони кои ги таргетираат сексуалните работнци, сите кривични и административни забрани и казни за сексуалната работа, вклучувајќи и закони со кои се опфатени клиентите и сопствениците на јавни куќи. Со декриминализација, сексуалната работа ќе се признае како работа и труд, со заштитата на правата на сексуалните работници преку законите за работни односи и со регулација за безбедноста и здравјето на работното место. Кога сексуалната работа е декриминализирана, сексуалните работници можат да настојуваат и да бараат побезбедни услови за работа и да го користат правосудниот систем за да бараат заштита од дискриминација и злоупотреба. Со декриминализацијата голема е веројатноста дека сексуалните работници ќе живеат без стигматизација, социјална исклученост или страв од насилство. Она што е важно да се напомене е дека декриминализицијата на сексуалната работа не подразбира декриминализација на проституцијата со малолетни лица и трговијата со луѓе или слични кривични дела.

НоваТВ: Што би посакале да ви се случи до следниот 17 Декември на планот на повисоки права за ова категорија на луѓе ?

– Пред сè, би сакале да се искорени лошата перцепција која општата јавност ја има за нас, сексуалните работници, да ги уживаме своите права и слободи како сите останати во општеството и да се декриминализира сексуалната работа во Република Северна Македонија. Се надеваме дека надлежните институции ќе го слушнат нашиот глас и заедно со нас ќе работат на потребните промени на веќе постоечките закони  кои ги таргетираат сексуалните работници и ќе придонесеме кон креирање на политики кои ќе одговорат на нашите потреби и барања.

Мирјана Трпческа