Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара речиси две децении. Невладини, здруженија, еколошки организации и државата се заложија ова подрачје да го заштитат поради ендемските природни вредности, флората и фауната, специфична само за овој планински венец. Но, постапката се одолговлекуваше, а Шара полека ги изгуби вредностите поради кои и требаше да се заштити.
Од ниските кон повисоките предели, Шара е оставена на милост и немилост. Дрвокрадството, дивоградбите, пристапните патишта, хидроцентралите си го земаат данокот. Ваквите зафати целосно го менуваат обликот на Шар Планина, па често планинарите и сите кои гo посетуваат ова подрачје кога ќе поминат на места каде што биле пред една или две години, сега веќе не можат да го препознаат.
Речиси секоја година слушаме ветувања од властите дека ова подрачје наскоро ќе биде заштитено. Вицепремиерот Бујар Османи пред неколку месеци рече дека Шара ќе се прогласи за национален парк во 2020 година, затоа што тоа е еден од условите за преговори со Европската Унија, која бара одреден дел од територијата да биде заштитена.
Планинарите веднаш изреагираа на ваквите како што велат неостварени ветувања на властите.
„Централните и локалните власти ветија дека Шар Планина наскоро ќе биде прогласена за национален парк. Во ред. Но, прво да мине тешката механизација, да се исечат сите дрва, да се уништи монструозно се тоа што требало да биде заштитено подрачје, за да се произведе 1 киловат електрична енергија и да може комотно да поминат 500 овци. Не е проблем“, реагира тетовскиот планинар Јовица Рафајлоски на својот фејсбук профил.
Поради ваквата состојба, некои планинарски друштва сметаат дека веќе е доцна оваа област да се заштити. Од планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово забележуваат дека на Шара сега со засилено темпо се гради се и сешто, од ресторани до сместувачки капацитети. Сето ова според клубот го прави политичката и бизнис елита, со цел да изградат набрзина монополи од објекти на тоа подрачје, затоа што кога истото ќе се прогласи за заштитено никој нема да смее да гради, а тие од тие монополи ќе остваруваат голем профит, затоа и сега се одолговлекува постапката за заштита.
„На Шара веќе се е уништено и веќе е доцна оваа област да се заштити. Од северната страна, поконкретно од врвот Љуботен, па се до јужната страна има отворено пристапни патишта, викенд населби дури и на 2.000 метри надморска височина има изградено. И со тие викенд населби кои ги градат таму дополнително ќе се уништи местото. Животните, на пример Балканскиот рис се симнувал и подолу во планината, ама таму веќе се е узурпирано. Дивите животни се плашат таму да се симнат, но сега ќе се плашат да се симнуваат и на повисоките предели, каде се градат масовно викенд населби. Како ќе го вратиме Балканскиот рис со ваквите девијантни појави, и други животни кои се ретки ќе исчезнат, а ќе се уништи и ендемскиот вид на Шара“, истакнуваат од планинарскиот клуб „Јелак“.
Од Македонското еколошко друштво, велат дека останува да се одредат границите на идниот национален парк на Шара, да се изработи социоекономскиот документ, а потоа целата процедура да ја покрене Владата и истата да заврши на гласање во Собранието. Од таму сметаат дека позитивно е што локалното население, за разлика од порано, сега прифаќа подрачјето каде што живее да биде заштитено, затоа што сфатило дека само на тој начин ќе биде заштитено од девијантните појави.
„Идната управа на самиот парк ќе треба да има доволно капацитет. Да не слушаме дека немаат возила, немаат ренџери да реагираат ако има некои девијантни појави, да нема оправдување. Сега најголем проблем се отворените патишта што отвораат можност за одредена лоша активност како дива сеча и слично. Шара сега е секаде пристапна со тешко товарно возило и тоа лошо ќе влијае на растителниот и животинскиот свет. Со националниот парк ќе има поголема контрола. Ова ќе биде прв заштитен парк во Македонија по нејзиното осамостојување. Позитивна промена е што луѓето од Шара примаат туристи односно се развива руралниот туризам, а кога ќе се прогласи за национален парк тогаш ќе биде уште попримамлива. Кога ќе дојдат странци, се чудат зошто ова подрачје не се заштитува, а толку е убаво и специфично“, истакна Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.
Под превезот на еколошка енергија, Шара сардисана од хидроцентрали
Колку дозволи за изградба на хидрoцентрали на Шар Планина се издадени досега, а колку од нив се поништени? – Колку од нив се започнати да се градат, а колку се изградени и каде? – Колкава е нивната моќност? – Дали има постапки за ревидирање на дозволите за градба на хидроцентралите?
Ова се прашањата кои ги поставивме до Министерството за животна средина и просторно планирање за состојбата со хидроцентралите на Шара за кои јавноста, односно локалното население, невладините, еколошките организации со години реагираа дека нивната работа ќе ја загрози животната средина. И под десетина дена чекање за одговор, од надлежното министерство добивме табела која практично не ни даде целосен одговор на поставените прашања.
Според табелата владата има склучено пет договори за работа на исто толку хидроцентрали на реката Пена, за Лешочка река е донесена одлука на Влада за работа на две хидроцентрали, но дозволи не се издадени. На Боговињска река, на Јеловска река и на Маздрача, владата оваа година одлучила да има по една хидроцентрала, но дозволи, исто така, сè уште нема.
Надлежното министерството во табелата воопшто ги нема истакнато трите хидроцентрали на река Бистрица во атарот на село Теарце, кои веќе се изградени и работаат, како и обидите за изградба на хидроцентрали на Вратничка река, каде мештаните протестираа и жестоко се спротиставија на таквите планови.
Работата на хидроцентралите на река Бистрица започна да прават штети
Изминатово лето голем дел од жителите од Општина Теарце се затруја. Испитувањата покажаа дека извор на труењето било водата за пиење од општинскиот водовод кој во случај на недостаток на вода од изворите се снабдува директно од река Бистрица каде се изградени овие три хидроцентрали. Директорот на јавното комунално претпријате Теарце, Мефаил Мифтари ни кажа дека водата се загадила откако базените на хидроцентралите биле чистени несоодветно.
„Хидроцентралите, односно нивните базени беа несоодветно чистени. Тоа што требаше да се острани како смет, тиња и слично беше директно фрлено во реката, од која на лето ние се снабдувавме со вода за пиење поради немањето на доволни количини во изворите. Ако тие хидроцентрали се веќе изградени, со нив треба некој да управува како што треба, а не вака. Освен што ни ја земаат водата, истовремено, со нивното неодговорно однесување и ја загадуваат. Горе се три хидроцентрали што не е малку“, вели Мифтари.
Од невладината организација „ЦЕД“ од Теарце велат дека хидроцентралите на Бистрица се изградени без никаква реакција на жителите од оваа општина, затоа што истите биле изманипулирани од државата и инвесторите пред да започнат градежните активности.
„Јас како ја паметам Шара многу добро. Првото туристичко место што го посетував беше „Три води“. Сега го нема. Многу штета се прави, но, како пријатели на Шара, работиме да се зачува тоа што останало таму. Јас не би сакал да се уништи се, па потоа да се прогласи за заштитено. Сите тие хидроцентрали се изградени можеби со документи и легално, меѓутоа недостасува транспарентност кон јавноста околу издавањето на дозволи за хидроцентралите. На Бистрица има три хидроцентрали, но таму, за разлика од Вратница, населението беше изманипулирано со ветување за вработување на многу лица, дека ништо нема да се уништи, но сето од ова ветено не се исполни“, рече Метин Муареми од невладината „ЦЕД“.
За разлика од Теарчани, жителите на Вратница веќе петта година по ред водат војна со властите и инвеститорите околу нивните најави и активности за изградба на хидроцентрали на Вратничка река. Во оваа месност, мештаните изминативе години спречија изградба на две мали хидроцентрали во горниот дел на реката, но годинава на јавен тендер избрана е фирма за изградба на нова хидроцентрала во нејзиниот долен дел. Вратничани велат дека нема да дозволат и со жив штит ќе ја бранат реката.
„Жителите од Вратница, но и од околните села сме под постојан стрес. Со години реката ја браниме од активности за градба на хидроцентрали. Имаме дежурства, минатиот месец на едно од тие дежурства почина еден наш повозрасен соселанец кој најверојатно доби мозочен удар од преголем стрес. Но, и покрај тоа, ние не се откажуваме и нема да дозволиме тука да се градат хидроцентрали“, велат од месната заедница во Вратница.
Вратничка река се создава од неколку притоки кои одат од Љуботен и од левата страна на Шара.
„Од реката зависим. Во неа има вода колку за нашите потреби, а не и за инвеститори од страна. Кога ќе влезат машините, се ќе се раскопа, ќе се уништи шумата и ќе секне водата. Се е поврзано со реката. Покрај неа сме се вселиле, сме се развивале и сега тие централи имаат моќ од еден мегават, тоа значи многу малку финансии за инвеститорите, а за нас уништување на цело село. Се мислам дека овие централи ги прават да нè иселат и толку жители колку сме останале да живееме тука“, истакнуваат локалните жители.
Неодамна со соопштение се огласи и инвеститорот за последната хидроцентрала во најава на Вратничка река. Од фирмата „Требика хидро“ истакнаа дека ги имаат сите потребни документи, дозволи и елаборати за градба и велат дека ќе го имаат предвид зачувувањето на животната средина при изградбата, но и работата на хидроцентралата.
Вратничани пред околу еден месец имаа и средба со премиерот Зоран Заев кој како што велат мештаните им ветил дека нема да дозволи изградба на хидроцентрали и уништување на животната средина во тој предел на Шара.
Градежни активности за изградба на хидроцентрали и во недопрената природа на Лешница.
Од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ реагираа и на активностите за изградба на хидроцентрала во месноста Лешница кој се смета за најубав предел на Шара.
„На тој дел од Шарпланинскиот масив имаше подготовки за изградба на хидроцентрала. Реката ќе се носи до нивните зафати каде што ќе биде хидроцентралата. Локацијата фактички ќе биде на горната страна кон популарните кади и долниот дел кон село Бозовце. Но, ние, заедно со останатите граѓански активисти, нема да дозволиме да се гради хидроцентрала во ваква недопрена природа. Се гради набрзина на Шарпланинскиот масив, а во меѓувреме се одолговлекува постапката за прогласување на Шара за национален парк за да можат тие моќници, пред се бизнис и политичката елита, да изградат на тоа место разни објекти, а потоа кога ќе се прогласи Шара за заштитено подрачје да имаат монопол и да остваруваат профит“, истакнаа од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
И Александар Стојановски-Цули од планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово смета дека со хидроцентралите само ќе се збогатат одредени поединци, државата нема да добие ништо ниту пак локалното население, а најмногу ќе страда природата. Со хидроцентралите, како што вели, повеќе ќе се направи штета отколку корист, затоа што истите ќе работаат со многу мала моќност. Според него во цела Европа се водат борби против овие хидроцентрали поради нивните поголеми негативни ефекти отколку позитивни, сама кај нас се даваат дозволи за изградба на истите.
„Се прават хидроцентрали и се вели дека тие ќе произведуваат струја на еколошки начин, но никој не ги спомнува негативните последици кон животната средина. За да се изгради хидроцентрала треба да се отворат пристапни патишта, бучава ќе има со работата на овие централи и сето ова ќе влијае на животинскиот свет. Недоволно сме свесни за заштита на локалните интереси на Шара. Досегашната работа на институциите не ми дава оптимизам дека ќе се спроведе некоја добра практика, односно добро управување на тој иден национален парк. Ако некој добие концесија не значи дека тоа е во ред. Кај малите хидроцентрали се потенцираат само позитивните ефекти. Од меѓународните институции велат дека хидроцентралите се во ред, но потенцираат дека ќе има штети врз локалната средина. Ако се градат хидрицентрали, тогаш екосистемот практично се нарушува“, истакна Александар Стојановски Цули.
Според некои најави во Македонија треба да се изградат од 170 до 400 мали хидроцентрали, а во цела Европа има околу 20.000 хидроцентрали. Ако се повлече паралела меѓу овие бројки, се доаѓа до заклучок дека нашата земја котира високо на листата на држави со огромен број хидроцентрали на континентот.
За разлика од кај нас, Шара на косовска страна е заштитена од ваков тренд пред повеќе од 30 години, кога се прогласи за Национален парк. Ако планината се заштити и од македонска страна, тогаш целиот Шарпланински предел ќе преставува најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.