Не го креваме веќе телефонот на судии и на обвинители да им кажеме што да прават. И пораката од почетокот на владата беше иста – законот мора да важи за секој. Случајот „Рекет“ и сите истраги поврзани со тоа покажаа дека навистина никој не е над законот, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Репутацијата на мала држава како нашата, вели таа, тешко се гради и многу лесно се руши. На ВМРО-ДПМНЕ, според неа, не му беше тешко да гласа за своите двајца министри во техничката влада како министри на Република Северна Македонија и не им беше тешко на тие двајца министри да се потпишат на свечената изјава, а сега кога треба да се потврди нашето членство во НАТО со Законот за одбрана измислуваат лаги и се трудат да го спречат.

Мислам, истакнува Шекеринска, дека најавата дека ќе гласаат за Законот за ратификација е само затоа што знаат дека и без нивните гласови, Законот за ратификацијата ќе мине и знаат дека јавноста ќе ги казни многу сериозно ако не го дадат својот глас за историскиот чекор што го прави државата. Но, за Законот за одбрана каде што е потребно двотретинско мнозинство сакаат да ја играат играта – „ќе глумиме дека сме за НАТО, а ќе правиме сè да го спречиме членството“, потенцира Шекеринска.