Шест лица се уште се во критична состојба откако маж со својот автомобил вчера влета во толпа луѓе на една од главните сообраќајници во Берлин, наведе денеска портпаролот на берлинската полиција, пренесе ДПА.
„Во инцидентот има една жртва, а вкупно 29 лица се повредени, вклучувајќи и неколку лица кои страдаат од шок“, додаде портпаролот.
Автомобилот влетал во група училишни деца и нивната учителка, кои биле во посета од мал град во централната држава Хесен и се наоѓале на аголот од улицата, пред да се врати на улицата и потоа да удри во излог од продавница. Во нападот почина учителката. Напаѓачот е идентификуван и приведен.
Според полицијата, меѓу повредените има и 14 лица кои не биле дел од училишната група.