Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов од оваа сезона ја укинува туристичката стража, нарекувајќи ја „потсмев“ и дека не ги претставувала вистинските вредности на градот.

Се работи за групата составена од антички војници, комити и партизани кои беа „чувари“ на спомениците од „Скопје 2014“.

-Скопје не е град за потсмев. Скопје е град кој треба да биде респектабилен, град кој ќе остава убави спомени, а не спомени за потсмев. Од тие причини дел од таквото лудило во градов повеќе нема да има“, изјави денеска Шилегов.

Проектот „Туристичка стража“ за промоција на спомениците на градските плоштади беше промовиран во 2012 година и од тогаш секое лето дваесетина млади луѓе и на најголемите горештини шетаа облечени како комити, партизани и антички војници и на туристите им ја претставуваа македонската историја.

Спомениците од проектот „Скопје 2014“ од оваа сезона нема да бидат и во рутата на отворениот туристички автобус, туку Калето, Старата скопска чаршија и други објекти кои како што кажа Шилегов ги претставуваат вистинските вредности на Скопје.