Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е важно да се спречи ширењето на војната во Украина во други земји, затоа што „НАТО не може и нема директно да интервенира во војната“ во таа земја, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Асошијетед прес.
Шолц рече дека Германија ќе продолжи да испорачува оружје во Украина, а се разгледува и можност за испорака на системи од источноевропските земји кои би биле лесно и брзо употребливи.
Германскиот канцелар се соочува со зголемен притисок во сопствената владејачка коалиција и главната опозициска партија да испорача тешко оружје како што се германските тенкови Леопард, додава АП.
Сепак, тој како што рече, Германија и нејзините партнери во Групата седум најиндустриски развиени земји (Г7) заклучиле дека има смисла да се испратат системи кои веќе се користат во Украина, оние со кои украинските сили веќе знаат да ракуваат, како на пример оружје од времето на Советскиот Сојуз што некои партнери на НАТО сè уште го имаат во источноевропските земји, а за возврат западните партнери би им помогнале на тие земји со испраќање модерно оружје.
По разговорите со американскиот претседател Џо Бајден и другите западни лидери, Шолц, според АП, рекол: „Сите ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, финансиски и воено“.
Во разговорите со западните сојузници, германскиот канцелар нагласи дека производителите на воена опрема укажале дека може брзо да биде доставено до Украина само лесното противтенковско и противвоздушно оружје.
„Ќе ги обезбедиме потребните пари за купување“, рече Шолц, додавајќи дека целта е да се зајакне украинската армија за да може да ги одбие руските напади.