„Ѕвезден“ тревник под ѕвездено небо над Скопје. „Телеком арена“ за вечерва ги има сите предуслови за епитетот светски фудбалски објект од „де лукс“ категорија. На зелениот правоаголник мноштво скапо платени ликови чии крампони на копачките ќе одблеснуваат како небесни тела на задоволство на распродадениот капацитет на стадион, но и на планетарниот ТВ аудоториум. Во свечената ложа ВИП до ВИП личности и клупски свити да не знаете, доколку сте службено присутни, кон што попрво да се фокусирате. Реал Мадрид и Манчестер јунајтед од 20,45 часот во пресметка за трофејот во УЕФА Суперкупот кој ги обединува Лигата на шампиони и Европа лигата.
„Овој Суперкуп натпревар е крајно важен за нас. Овде сме да победиме. Ништо друго не е важно. Во Мадрид бев 16 години, но исто така сум играл и за други екипи против Реал и тие секогаш имаа силна желба за победа што е нормално. Секогаш го посакувате скалпот на најдобриот клуб во светот. Свесни сме дека секоја година ќе биде потешка и потешка за нас. Но, ние имаме идентитет и глад за успех. Не сме заморни од победи“, порача тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан.

Менаџерот на „кралевите“, веројатно, долго размислуваше, а можеби и тактизираше пред полетување кон Македонија. На крајот, сепак, реши во тимот да го вклучи и Кристијано Роналдо иако претходно беше најавено дека Португалецот е на продолжен одмор по напорната сезона и особено што по Купот на конфедерации во Русија по вторпат стана татко. Таквиот потег на Французинот наиде на изненадување и кај највлијателните медиуми во Шпанија и доволно говори дека нема намера ништо да чепка во тимот што ја покори фудбалска Европа во минатата сезона и, речиси, сигурно ќе почне со Роналдо од првата минута.
„Против Манчестер јунајтед ќе играме како и досега што игравме. Нема да менуваме ништо за овој натпревар. На максимално ниво сме, сакаме да освојуваме трофеи на кои ќе атакуваме со тешка работа и стоотстотна посветеност. Од тој аспект ќе нема замени од ланската сезона“, додаде Зидан пред обидот за одбрана на тронот во натпреварот по минатогодишниот триумф над Севилја во Трондхајм.

Мурињо, пак, се декларира како задоволен од летните подготови, прикажаната игра во подготвителните мечеви и остварените резултати во нив. Атмосферата во тимот ја оцени како позитивна и во ростерот гледа дополнителна сила со ангажманот на трите принови – Немања Матиќ, Ромелу Лукаку и Виктор Линделоф. Меѓу клучните алки во тимот, секако, е Пол Погба. Сетоа ова упатува дека „црвените ѓаволи“ ќе влезат во новата сезона со посилен состав од ланскиот и имаат доволен капацитет во себе за прв Суперкуп трофеј по 1991 година и единствен засега до кој дојдоа по триумфот над Црвена звезда со 1:0 со погодокот на Брајан Меклер во 67 минута.
„Возбуден сум што сме дел од овој меч и што за противник го имаме европскиот првак. Чест е кога наспроти себе го имате клуб со таква историја и толку многу освоени пехари. Ќе играме и ќе уживаме во специјалната вечер бидејќи фудбалерите немаат премногу шанси да играат за Суперкуп трофејот“, истакна Мурињо.
Покрај респектот кон клубот на чие кормило беше во минатото, Португалецот призна дека останал во добри односи со дел од фудбалерите до ден денеска.
„Со дел од играчите ги задржав контактите преку телефон што не е случај со сите. Истото важи и за фудбалерите со кои работев во Интер, во Порто, во Челзи. Ако се сретнам со некој од нив со задоволство ќе се поздравам“, дополни „специјалниот“ кој нема да смета на Бејли, Џонс, Рохо, Шоу и Јанг.
Реал Мадрид вечерва ќе игра по шести пат за трофејот во УЕФА Суперкупот. Во претходните пет меча има три победи (2002 година, 2014 година, 2016 година) и два пораза (1998 година, 2000 година). За Манчестер јунајтед ќе биде четврти натпревар по споменатата победа над Црвена звезда на „Олд трафорд“ (реванш не се играше поради лошата политичка ситуација во тогашна Југославија) и поразите во 1999 година и во 2008 година.
Главен судија на фудбалскиот спектакл на „Телеком арена“ ќе биде Италијанецот Џанлука Роки чија асистенција ќе бидат сонародниците Еленито ди Либераторе и Мауро Тонолини крај аут линиите и Давиде Маса и Масимилијано Ирати зад головите.
Можни состави за вечерашниот меч
Реал Мадрид (формација 4-3-3): Навас – Карвахал, Рамос, Варане, Марсело – Модриќ, Касемиро, Крос – Иско, Бензема, Бејл.
Манчестер јунајтед (формација: 4-3-3): Де Хеа – Валенсија, Линделоф, Смолинг, Блинд – Ерера, Матиќ, Погба – Рашфорд, Лукаку, Мкитарјан.
Резултати на Реал Мадрид во подготвителниот период
Реал Мадрид – Манчестер јунајтед 1:1 – 1:2 на пенали (23 јули, Санта Клара, САД)
Реал Мадрид – Манчестер сити 1:4 (26 јули, Лос Анџелес, САД)
Реал Мадрид – Барселона 2:3 (29 јули, Мајами, САД)
Реал Мадрид – Ол стар тим на МЛС 1:1 – 4:2 на пенали (2 август, Чикаго, САД)
Резултати на Манчестер јунајтед во подготвителниот период
Манчестер јунајтед – Лос Анџелес Галакси 5:2 (15 јули, Карсон, САД)
Манчестер јунајтед – Реал Солт Лејк 2:1 (17 јули, Санди, САД)
Манчестер јунајтед – Манчестер сити 2:0 (20 јули, Хјустон, САД)
Манчестер јунајтед – Реал Мадрид 1:1 – 2:1 на пенали (23 јули, Санта Клара, САД)
Манчестер јунајтед – Барселона 0:1 (26 јули, Ландовер, САД)
Манчестер јунајтед – Валеренга 3:0 (30 јули, Осло, Норвешка)
Манчестер јунајтед – Сампдорија 2:1 (2 август, Даблин, Република Ирска)