НАТО соопшти дека ги разгледува извештаите дека ракети или проектили паднале во земјата-членка Полска и дека тесно соработува со полските власти. „Ги проучуваме овие извештаи и тесно се координираме со нашиот сојузник Полска“, изјави претставник на НАТО за Си Ен Ен.

Доколку навистина се утврди дека станува збор за руски ракети, што Русија го демантира, прашање е како ќе биде позициониран НАТО.

Повеќето аналитичари кои досега го коментираа овој настан се согласуваат дека одлуката ќе зависи од тоа која од двете политики ќе се применува – член 4 или член 5.

Во членот 5 се вели: „Ако сојузникот на НАТО е жртва на вооружен напад, секоја друга членка на Алијансата ќе го смета овој чин на насилство како вооружен напад против сите членки и ќе преземе дејствија кои ги смета неопходни за да му помогне на сојузникот што е нападнат“.

Доколку тоа се употреби, речиси неизбежно би значело некаква форма на воен напад против Русија. Сепак, и покрај споменувањето на член 5, се чини дека се појавува некаков консензус меѓу аналитичарите дека повикувањето на член 4 е многу поверојатно.

Според официјалните документи на НАТО, член 4 значи дека „страните ќе се консултираат меѓу себе“ доколку се одлучи дека е загрозен нивниот „територијален интегритет, политичка независност или безбедност“.

Сепак, се чини дека ова вклучува многу помал ризик од значителна ескалација и ширење на конфликтот, што е нешто од што сите се плашат по ваков настан.