Риека останува без еден од двајцата македонски фудбалски репрезентативци пред двомечот со Олимпијакос за пласман во групната фаза во Лигата на шампиони (ЛШ). Стефан Ристовски го напушта хрватскиот првак и продолжува во Спортинг Лисабон. Веста ја потврди Дамир Мишковиќ, претседател на клубот од „Рујевица“.
„Инсистираа да замине веднаш. Ние понудивме и фиансиска отштета да остане во Риека за двата меча со Олимпијакос, но немаше согласност. Ристовски не сакае да го продолжи договорот. Многупати разговаравме во последниот месец меѓутоа тој остана доследен на своето. Наредното лето ќе биде слободен играч, а во зимскиот период може да преговара со заинтересирани клубови и да замине без обесштетување“, изјави Мишковиќ за „Радио Риека“ без притоа да открие финансиски детаљи од договорот на Ристовски и Спортинг Лисабон ниту, пак, обесштетувањето што ќе го добие Риека.
Ристовски важеше за еден од најдобрите играчи на Риека. Заминувањето на фудбалерот со одлични карактеристики во двете насоки по десната странична позиција се смета за голем хендикеп за хрватскиот шампион бидејќи се случува пред двата меча со „црвено-белите“ од Пиреја за историски пласман во групите во ЛШ.