За релативно кусо време Алшар стана препознатлива по фустаните со остри рабови, храбри откосувања, рачно обоени суптилни принтови. Не се води според трендовски модни линии, ниту пак создава креации само за жени со идеални пропорции.
Во една од најубавите улички во скопско Дебар маало, непосредно до кафе “Бастион“, таму каде што е сочуван градскиот амбиент, со дрворед што се менува сезонски во палета на бои и потсетува на Париз, се наоѓа модното атеље на креаторката Силвија Михајловска, позната под модната етикета Алшар. За релативно кусо време таа стана препознатлива по фустаните со остри рабови, храбри откосувања, рачно обоени суптилни принтови. Не се води според трендовски модни линии, ниту пак нејзините креации се само за жени со идеални пропорции. Оние што барем еднаш наминале во ова атеље или го погледнале излогот, знаат дека тие уникатни креации што се фузија на романтика ,супкултура “строги” асиметрични кроеви, минимализамот од деведесетите, сафари детали, јапонско кимоно, или ве пленат на прв поглед или ги одминувате. Воедно, деновите пред доделувањето на Оскарите режисерката на „Медена земја“, Тамара Котеска продефилира во креакција токму од колекцијата на Алшар.
Вечерашниот настан „Експо 30“ во организација на „Ботега ивенти“, посветен на модата во изминативе три децении, што ќе вклучи неколку ревии пропратени со музика од наши диџеи, беше повод за разговор со креаторката позната под брендот Алшар. На ревијата таа ќе ја претстави нејзината есенска колекција а за неа специјален микс подготвил диџеј Узун Баба.
Кога станува збор за високата мода Алшар вели дека тоа е комплексна категорија која подразбира многу часови работа на крeациите направени рачно, по мерка.
„Вакви креации кај нас воглавно нема каде да се носат а и можат многу малку луѓе да си ги дозволат. Во Македонија има многу добри дизајнери кој главно изработуваат “ready to wear“ колекции наменети за домашниот пазар и прилагодени на нашите услови. Жените во Македонија ја следат модата, сакаат да бидат во тек со светските трендови но воедно се и многу практични кога купуваат облека.“, вели Алшар.
Во сите креации се препознава нејзиниот музички и останат уметнички габарит што ја следел во професионалниот развој и ја дефинирал во натамошната работа.
„Музиката што ја слушаме, уметноста што ја сакаме, филмовите,книгите…целата култура на живеење го создава од мали нозе нашиот сензибилитет, кој сме и какви сме а особено се одразува и се гледа во работата на секој креативец. Инспирацијата ја наоѓам во нештата кои ми се блиски..панк музика, уметници како Keith Haring, Basquiat Pollock… … графити артисти, целата декада на осумдесетите , првите реив журки од деведесетите, јапонска традиционална облека, готик моменти во многубројните целосно црни креации….
Моите креации се комплексен дизајнерски микс од сите работи кои го оформиле мојот свет, тие се одраз на различни периоди од мојот живот. Микс на романтика ,супкултура “строги” асиметрични кроеви, минимализамот од деведесетите, сафари детали, јапонско кимоно…А бидејќи сум и сликар по професија сето ова е надополнето е со многу рачни досликувања на креациите кои се уникатни парчиња кои не се мултиплицираат.“, вели таа.
При создавање на една креација, таа не размислува дали ќе биде допадлива на конзументите, се води според својата интуиција и личниот печат но го насетува тоа што е модерно од светските трендови.
„Сите креации кои ги правам мораат да бидат комплетно издржани дизајнерски да бидат од квалитетен материјал и професионално изработени, околу овие работи нема компромиси. Потребите на моите клиентки ви последниве години ми наметнаа да правам по две колекции во секоја сезона, Black label – линија која содржи уникатни и комплексни дизајнерски парчиња и White label – линија која ја следи во идејата но содржи покежуал, посекојдневни креации. Секако во сите овие креации се препознава мојот начин на работа во кој не ги следам трендовите но умеам однапред да насетам што ќе биде актуелно, идеите се вткајуваат сосем спонтано и интуитивно во секоја актуелна колекција…“
Во ера кога текстилното конзуменство го достигнува врвот, во Кина може да се изработи реплика на речиси секој светски дизајн и истото да се продаде по ниска цена, додека оригиналот е достапен само за елита, Алшар вели дека „ако се понуди автентичен уникатен и квалитетен производ со конкурентна цена и воедно да се прилагоди дизајнот на потребите и условите во кои се функционира, тогаш успехот е неизбежен“.
Иако досега немала можност да работи како костимограф на филм или во театар, таа смета дека осумгодишното детално изучување на костими веројатно би ја направило одличен костимограф, иако досега нејзиниот интерес бил современета мода.
За одлуката на Тамара Котевска да облече нејзина креација на предоскаровските настани и случувања таа вели „За мене тоа беше едно волшебно искуство! Ми беше огромна чест што таа ме избра мене за да ги носи моите креации на толку значајни манифестации! И особено ми е драго што таа соработка продолжи и во друг правец, таа направи прекрасни фотографии-модни едиторијали со креации од мојата ланска летна колекција“.
Се наметна прашањето дали таа сонува за своја модна линија во Париз, вели „можеби такви амбиции сум имала пред триесет години но јас сум од оние луѓе кои сосема комотно се чувствуваат тука и покрај сите предизвици. Задоволна сум од постигнатото досега и подготвена сум за нови искуства во иднина“.
Таа верува дека модата не е само за витки жени, и току затоа во последната летна колекција составена исклучиво од бели креации вклучила повеќе парчиња во xl величина.
“Секогаш во колекциите вклучувам и креации кој се во поголеми величини, моделите се прилагодени и соодветни во дизајнот и за покрупни жени. Со желба да покажам дека доколку е соодветно моделот може да прилега секому во последната летна колекција составена исклучиво од бели креации вклучив повеќе парчиња во xl величина“.
На „Експо30“ ќе се представи со колекција базирана и инспирирана од нејзиното долгогодишно модно патување Тоа е есенска “ready to wear“ колекција а креациите ги имаат сите препознатливи Алшар детали. Понатаму најавува покежуал есенска колекција … и други модни проекти.
Ана Василевска