Поранешниот бугарски премиер Симеон Сакскобурготски, кој е и последниот бугарски цар Симеон Втори, го поддржува пристапот на актуелниот претседател на Владата, Кирил Петков, за евроинтеграцијата на Македонија. Тој бара прагматизам, а не црвени линии.

– Се сеќавам дека д-р Жељу Желев, вечна му слава, беше првиот којшто тогаш ја призна Република Македонија. Значи, веќе имаме многу позитивен преседан. Сега, во ваков момент за Европа, навистина е многу важно да им дадеме поттик на тие две држави (Македонија и Албанија – н.з.). Така што, мора да се покаже прагматичност, изјави во интервју за весникот „24 часа“, Сакскобурготски.

Тој додава дека „како и секој проблем, и за овој има решение“.

Доволно е да се покаже добра волја. И најмногу – да нема толку категорични црвени линии. И мирно, со упорност, но да ги придвижиме работите напред. Затоа што веќе има луѓе коишто може погрешно да ги разберат во странство. А нас Бугарите нè претставуваат како да сакаме да употребиме извесен притисок со нашата позиција во однос на можностите на двете наведени држави да влезат во ЕУ. Тоа не е најдобрата реклама за Бугарија или за мислењето што го имаат за нас во Брисел. И тоа мораме да го земеме во вид. Колку до историјата и сè… Бог знае дека јас, како цар, зборувам со едно извесно право и искуство, зошто сум запознаен многу добро со нашата историја. Мислам дека на крајот ќе се најде решение зошто за Северна Македонија и за Албанија е клучно да влезат во ЕУ. Имаат желба и се држат до неа, вели поранешниот премиер на Бугарија, кој раководеше со владата од 2001 до 2005 година.