Густ чад од пожар вечерва ги вознемири жителите на скопската населба Автокоманда, но како што информира командирот на скопската противпожарна единица, Владимир Симоновски, за НоваТВ, пожарот е веќе локализиран и набргу ќе е целосно изгаснат.

– Станува збор за напуштен објект позади поранешната плинара на улица „Романија“ бб, каде се наоѓа и нашата противпожарна единица во Автокоманда. Реагиравме веднаш, а гореше кровна конструкција, изјави Симоновски.

Причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат, а неофицијално ќе се работи и на верзијата да излегол од контрола оган кој евентуално го запалиле бездомници, кои често престојуваат во напуштениот објект.