Специјалното јавно обвинителство во врска со протестите пред СВР Охрид, излезе со соопштение во кое предупреди дека секое лице повикано како сведок е должно да се јави на поканата и се оградува од политичките етикетирања од членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во врска со предистражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство, во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка. Согласно Кривичниот законик секој вид на влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка“, пишува во соопштението од СЈО.
Ова јавно обвинителство се оградува од секакви политички шпекулации и потенцира дека својата службена должност јавните обвинители во ова Јавно обвинителство ја вршат согласно законот во насока на утврдување на вистината во постапките кои се водат.
Како што објавивме, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид утрово биле повикани на разговор од истражители на СЈО, за случај со донации на оваа партија. Но, тие одбиваат да дадат изјави и излегоа на протест пред СВР Охрид, обвинувајќи дека СЈО е слуга на Заев и СОРОС.