Норвешка и Данска ќе играат во големото финале на 26. Светско ракометно првенство. Норвежаните во одлично полуфинале ја елиминираа Германија со 31:25 (полувреме: 14:12) додела Данците ја детронизираа Франција со 38:30 (полувреме: 21:15). Мечот за титулата е во недела (17.30 ч.) во Хернинг, за три часа претходно е закажан мечот за бронзениот медал.
Лидери во норвешката селекција беа Род, Сагосен и Мирхол кои постигнаа по шест гола, прв стрелец во средбата беше Генсхајмер со седум гола.
Данска во првото полуфинале ја „уништи“ Франција со 38:30 и со максимален ефект на турнирот се пробија до мечот за титулата. Микел Хансен беше лидер кај ко-домаќинот на СП со 12 гола, најефикасен меѓу „триколорите“ беше Кентин Мае со осум погодоци. Данците ќе атакуваат на прва мундијалска титула за која досега имаа три неуспешни обиди.
Ракомет на СП ќе има и утре во Хернинг. Од 17.30 часот ќе играат Шпанија и Египет за седмо место, во централниот термин (20.30 ч.) ќе се пресметаат Хрватска и Шведска за петтата позиција.
СП во ракомет – полуфинале
Германија – Норвешка 25:31
Данска – Франција 38:30
Сабота
За седмо место: Шпанија – Египет (17.30 ч.)
За петто место: Хрватска – Шведска (20.30 ч.)
Недела
За трето место: Германија – Франција (14.30 ч.)
Финале: Норвешка – Данска (17.30 ч.)