По земјотресот во 1963 година, т.н проект „Скопје 2014“ е втората катастрофа што го зафати Скопје, но настаната не од природни, туку од квазиградителски, квазикултурни причини, која значително го измени не само архитектонскиот лик на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните, ги смени нивните навики, ја збриша меморијата на градот, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски во Виена, на синоќешното отворање на изложбата „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“
Според, него овој контроверзен „проект“ на дело докажа колку и архитектурата, кога е во погрешни раце, може да биде убиствена за градот.
– Говорам за дилеми од типот: што е и која е денес архитектурата во македонски контекст, мислам на наши македонски денешни културни дилеми – дали тоа што се случуваше во Скопје и Македонија последниве години воопшто има врска со архитектурата. Иако во извесна смисла погледите на некои современи македонски архитекти очигледно биле вперени и во Виена како можен модел за нивните историцистички егзибиции, истакна Алаѓозовски.