Словачките власти подигнаа обвиненија против четири лица за убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучијак и неговата вереница во 2018 година што доведе до масовни протести против корупцијата на високо ниво и го принудија тогашниот премиер Роберт Фицо да си даде оставка.
Во изјавата на државниот обвинител се наведува дека обвиненијата се однесуваат и за убиство со предумисла.
Првоосомничен е Марјан Кочнер, бизнисмен кој имал врски со власта и кој бил главна тема во написите на новинарот кој пишувал за корупцијата и кронизмот во Словачка. Обвинителот верува дека тој го нарачал убиството.
Кочнер негираше дека сторил нешто лошо.
Новинарот и неговата вереница беа убиени во нивната куќа во близина на Братислава во февруари минатата година.
Пред пет дена во Словачка беше објавена снимка од бизнисменот со поранешниот јавен обвинител снимена во 2014 година. Снимката била најдена во телефонот на Кочнер кој му бил запленет по убиството на новинарот.
Во снимката која трае 70 минути се слуша како Кочнер му се заканува со убиство на обвинителот ако тој продолжи со истрагата за случајот „Горила“ кој во Словачка е познат како случај за корупција на политичари во 2000 година. Горила никогаш не доби судска разрешница.




