Она што се случува со предметот „ТНТ“ е само потврда дека правдата како ѕвезда водилка одамна е падната во некаков „шести план“. Секојдневните смешни сцени зад кои наводно стои бескопромисна битка за законите и процедурата се ништо друго освен лигавење со правдата, велат правни експерти за Нова ТВ. Последните преписки меѓу одбраната во „ТНТ“ и Кривичниот суд се само една епизода од серијата изигрувања на принципот на владеење на правото. Адвокатот Јовица Страшевски, кој признава дека е член на ВМРО-ДПМНЕ, но моментно, како што вели, не бил политички активен, гарантира дека во неговата одбрана на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, нема никаква политичка позадина.

Поранешниот директор на Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај, кој собираше и потписи за наследник на Груевски, па се откажа, официјално е на одмор од 8 до 17 јануари и не може да се појавува на закажани рочишта, што значи ни на првото следно планирано за 13 јануари. Но, не значи дека тој во буквална смисла одмора, иако најави дека со своите деца ќе зимува во Маврово.

„Јавноста беше присутна кога Ставрев ја закажа седницата на 17 јануари. Јас го замолив да ја одложи за ден-два, тој не прифати. Јас имам четири деца, закажав да одам во Маврово додека тие се на распуст. Тоа што ним им текнало да менуваат датуми, не е моја вина. Тие секои две минути менуваат датуми, денови. Јас знаев дека судењето е на 17 јануари и прифатив да бидам таму на 17 јануари“, вели Страшевски, кој засега слободните денови ревносно ги користи за преписки со Кривичниот суд.

Денеска обвини дека поротничката, Лилјана Ивановска Кочовска, чиј мандат е завршен и по автоматизам предметот треба да почне од почеток, вчера поднела оставка во Кривичниот суд, но претседателот Иван Џолев и наложил дека мора да присуствува на рочиштата за уривањето на „Космос“. Од Kривичен потврдуваат дека поротоничката имала средба со претседателот на судот, но според писменото соопштение, се жалела на заканите со кои се барало повеќе да не доаѓа на судењата.

„Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија-поротник и доколку е неопходно институциите може на секој судија и судија-поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет“, информираат од Кривичниот суд.

Од Судот велат дека зачудува фактот како адвокатот кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци? Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуваат до судот, од други лица, кога истите се доставуваат само до приемното одделение?, прашуваат од Кривичен.
Поранешниот судија во уставниот суд, Трендафил Ивановски, немоќно како и целата македонска јавност ги следи од дистанца, како што вели, навредливите игри за човечката интелегенцијата во правосудниот систем.

„Очигледно и Судот паѓа под влијание на игрите што ги прават адвокатите и секој гледа да ја избегне одговорноста. Во моментов зависи колку Судот ќе биде на висина на задачата или ќе дозволи и натаму, ако може така да речам, да се лигави и овој процес како што се тегнеа и сите останати досега. Сето тоа требаше да се заврши, побезболно, поисправно и похрабро. За жал, постојано се оди на изигрување на принципот на владеење на правото и бегање од одговорност. На таквата состојба во прилог и оди и политичката клима. На крајот ќе мора да има завршницата, иако зависи која ќе биде нејзината цена“, вели Ивановски за Нова ТВ.

Лично смета дека претерано се искомплицирал целиот процес. Постојат, вели, одредени слабости во самата процедура и во самата постапка на која може одбраната да се повика.

„Од авион се гледа дека наместо за суштината, се фаќаат за влакното во јајцето. Па, имате забелешки од тоа дали Советот ќе биде составен вака или онака, во колку точно часот на судијата поротник ќе му истече мандатот. Затоа велат дека сведоци сме на лигавење на правдата. Адвокатот секогаш работи за заштита на своите клиенти. Но, доколку е сериозен правник треба да ја цени и цената на правдата и да не ја комплицира состојбата. Процесот нека заврши, па доколку се силни аргументите на одбраната нека има и ослободителна пресуда. Но, јасна е целта да се блокира процесот, да не дојде до негова завршница, барем не сега, а понатаму може ако дојде друга политика гарнитура“, смета Ивановски.

Тој не ги апстрахира од одговорност Судот и останатите надлежни органи кои мора да реагираат навреме во елиминирање на аномалиите кои доведуваат до гушење на прваната процедура.

„Ако се види дека нешто е причина за оневозможување на правдата, треба да се реагира дали во насока на промена на одредби од законот, дали од постапката, дали од материјалниот закон. Тоа бара време. Но, повторно ќе ја споменам политичката клима создадена од претходниот режим на ВМРО-ДПМНЕ. Нивните наследници во власта во тој дел не се снајдоа најдобро и најпаметно, како да ја прифатија актуелната состојба, која некогаш и ним им одговара, па за жал го имаме она што сега го имаме“, нагласува Ивановски.

Тој, сепак, смета дека и во случај предметот „ТНТ“ да се врати од почеток, тоа нема да значи негово погребување.

„Има многу податливи работи, дури и да почне од почетокот. Тоа што е сослушано, тоа што е прибавен доказ нема потреба одново да се оспорува. Процесот може да оди побрзо без дополнителни компликации, но тоа ќе зависи и од судиите“, смета Ивановски.

Откако предметот „ТНТ“ влезе во завршна фаза, обидите да се опструира процесот се мултиплицираа. Се бараше превод на доказите на албански јазик поради што беа одложени три рочишта. Потоа се случи и бојкотот на адвокатите на обвинетите токму на денот кога требаше да бидат изнесени завршните зборови, за сето тоа да кулминира со претепување на третообвинетиот, Тони Трајковски, поради што се откажа главното рочиште.

Екс-обвинителот Александар Наков актуелните состојби ги карактеризира како соработка меѓу адвокатите, судиите и обвинителите за одложување на одредени предмети. Судот, според него, не смее да оди на воденицата на адвокатите, но во конкретниот случај поврзан со мандатот на поротничката смета дека грешката е кај Судот.

„Некултурно, да не речам недостоинствено е да се убедува поротник во нешто за кое би можел да заглави со кривично дело. Имаше реакција кон одредени поротници, тие престанаа со својата работа. Не ми е јасно зошто сега ова и го прават на жената. Лично сметам дека адвокатот е во право, а колку е целисходно за државата тоа е друга приказна. Не може да одиме спротивно на позитивните правни прописи само за побргу да удоволиме некому, без оглед што во случајов не е спорно дека господинот Фијат Цаноски е оштетен и за тоа побарува милионска сума од државата“, вели Наков.

И тој како и Ивановски смета дека евентуалното враќање на „ТНТ“ на почеток не претставува опасност дека делото ќе застари.

„Не би требало тоа да се случи. Колку што сум информиран и во Собраниска процедура се наоѓа предлогот за измени на Кривичниот закон, поднесен од пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, со кој се предводува зголемување на рокот предвиден за застарување на кривични дела сторени од избрани и именувани функционери“, вели Наков.

Кривичниот суд се изјасни дека за престанок на мандат на судија поротник одлучува Судскиот совет, чија седница беше одложена на крајот на годината и закажана за 27-ми јануари. Во меѓувреме судот закажа дополнително 10-тина нови рочишта за да го заврши предметот кој е пред самиот крај, затоа што во спротивно со нов поротник ќе мора да започне од почеток, на што одбраната пак жестоко се спротивставува и најавува и кривични пријави.