Во седиштето на Алијансата, делегација од Министерството за одбрана имаше средби со претставници на НАТО – агенцијата за набавки и Агенцијата за комуникации и информации на Алијансата, на кои, како што информираат, станало збор за воспоставување на уште поефикасна комуникација и координација помеѓу Центарот за поддршка на компании и овие две НАТО – агенции.

Од Министерството за одбрана, информираат дека целта на Центарот за поддршка на компании во министерството е да може на сеопфатен начин да им помогне и да ги поддржи домашните компании во учеството на тендерите објавени за потребите на Алијансата и земјите – членки чија вредност достигнува околу 5 милијарди  евра годишно.

– Интересот на домашните компании за запишување во електронската евиденција на Министерството е голем. Со уписот во електронската евиденција, компаниите имаат можност да се регистрираат во НАТО агенциите и да учествуваат на тендерите за набавки на Алијансата, се вели во соопштението од МО.

Од Министерството за одбрана, посочуваат дека центарот нуди не само административна, туку реална поддршка во секој од чекорите во процесот на апликација, а начинот на кој функционира е доказ дека институциите можат да бидат брзи и ефикасни, и вистински партнер на домашните компании.