Изминуваат два месеци од изборот на градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска а граѓаните на Скопје не гледаат дека во градот нешто се работи. Напротив, гледаат само поништувања на значајни проекти, неспособност, погрешни одлуки. Гледаат дека нема бесплатен јавен превоз, нема инвестиции во животната средина, изјави Мартин Попов, советник во Советот на Град Скопје на денешната прес конференција.

– Дури и Буџетот на градот за оваа 2022 година не е развоен и не е направен според потребите на граѓаните. Во Буџетот не се предвидени пари за важни проекти како нови паркови, зелени покриви, велосипедски патеки. Нема пари за ниту една велосипедска патека, ниту еден вело паркинг, нема опрема за автобусите да превезуваат точаци, нема субвенции за дополнителна опрема, рече Попов.

Според него, наместо за зеленило и заштита на животната средина, или во капитални проекти, Арсовска парите на скопјани ги планира за вдомувања на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали во Буџетот има пари за коалициските партнери на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ? Дали фирмата на кандидатот за градоначалник Петар Георгиевски Камиказа, КЛС, била ангажирана околу озвучувањето на новогодишната прослава на градскиот плоштад? Колку пари чинел ангажманот на КЛС за новогодишната прослава или дали е тоа донација? Ако е донација тогаш таа треба да мине низ Советот на Град Скопје, ако се работи за спонзорство, тогаш треба да има договор за спонзорство. Данела Арсовска им должи одговори на скопјани на овие прашања, рече Попов.