Не е важно само Горан Грујевски и Никола Бошкоски да бидат вратени во Македонија, туку важно е и да се откријат сите што им помогнале да избегаат и сите кои им биле логистика откако избегале, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој рече дека засега со јавноста не можат да бидат споделени никакви информации за нивните помагачи затоа што обвинителството сè уште работи на истрагата.
„Сите тие детали ќе ги споделиме во јавноста кога ќе можеме“, рече Спасовски.
Тој додаде дека Грујевски и Бошкоски најверојатно избегале пред Апелацискиот суд да донесе одлуки за притвор.
Спасовски порача дека Грујевски и Бошкоски не треба да се плашат да се вратат во земјата, како што тие изјавиле пред грчкиот суд каде побарале да не бидат екстрадирани во Македонија затоа што стравувале за нивните животи.
„Прво, тие не се бегалци. Бегалци се лица кои бегаат од Блискиот Исток каде што има војна. Овие се осомничени лица кои што сакаат да избегаат од правдата во РМ. Тоа се тие лица кои 10-11 години во Македонија ги кршат човековите права на граѓаните и тоа го правеле преку МВР. Од тука е нелогично било какво искажување дека тие може да се плашат од МВР. За нас е најважно да има правда, правично судење. Јас очекувам дека тие ќе бидат вратени и дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Спасовски.
Судот во Солун го одложи сослушувањето против поранешниот началник на Петтата управа на МВР, Грујевски и вработениот во УБК, Бошкоски, за 24 октомври. Тие беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши.
Обвинети се за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување.