Неразделниот двоец на тајната полиција Горан Грујевски и Никола Бошковски, имале логистика од Македонија додека биле во бегство, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за емисијата 360 степени на Алсат М.
МВР информациите за локацијата на двајцата бегалција ја добиле непосредно од луѓе, а имало и соработка со службите од соседните земји.
-Ова е една акција која што ја работевме регионално, вклучени се повеќе служби и сознанијата кои што ги имавме од претходно доведоа до успешна реализација на оваа акција. За нас како држава во овој момент е важно да се обезбеди правдата во Македонија за сите. Токму од тој аспект клучна задача и цел на МВР беше да ги вклучи сите можни капацитети, да ги лоцираме каде се, заеднички преку регионална соработка која што ја имаме да обезбедиме информации за нив, вели Спасовски.