Засега, барем, изгледа дека човекот кој ја почна војната во Украина ќе се држи настрана од разговорите за обид да се заврши, коментира Би-Би-Си.
Рускиот претседател Владимир Путин никогаш експлицитно не рече дека ќе присуствува, а шансите секогаш изгледаа мали.
Разговорите сега се очекува да продолжат, меѓу функционери од двете страни, или попладнево или утре во Истанбул.
Руски извори велат дека ќе бидат денеска, украински извори велат дека ќе бидат утре, јави Би-Би-Си.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Но, тој јасно стави до знаење дека нема да преговара со никого освен со рускиот лидер. Зеленски беше подготвен „во секој момент“ да отпатува во Истанбул доколку се појави Путин.
Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека може да отиде во Турција утре за преговорите меѓу Русија и Украина, „доколку е тоа соодветно“.
„Размислував да одам, но тоа е многу тешко… Ако нешто се случи, ќе одам во петок доколку е тоа соодветно“, рече Трамп на деловниот појадок во Доха на турнејата низ Заливот.
Се очекува разговорите да започнат денеска во палатата Долмабахче во турската метропола Истанбул.
Трамп моментално е во посета на Катар, откако беше во Саудиска Арабија, а треба да ги посети и Обединетите Арапски Емирати.