Еден маж загина, а една жена е повредена при експлозија во близина на влез од метро станица во Стокхолм, соопшти шведската полиција.

Засега не се познати причините за експлозијата на плоштадот во близина на станицата „Ворби горд“, во јужниот дел на шведскиот главен град.

Загинатиот маж е на возраст од 60 години, а повредената жена на 45-годишна возраст.

– Според очевидци мажот подигнал од земја предмет кој експлодирал, се наведува во полициското соопштение.

Локалниот весник „Афтонбладет“ пишува дека предметот бил рачна бомба. Полицијата одби да ја потврди таа информација.

Според шведските власти, инцидентот не е поврзан со тероризам.

Метро станицата и блискиот плоштад се затворени за движење, а истрагата е во тек.