Децениската голгота низ судските лавиринти во земјава на охридските правнички Соња Талевска и Татјана Трпческа, епилогот го доби пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, пишува порталот Охрид Њуз. Европскиот суд, како што пишува порталот во опширната сторија, во пресудата од 28 јуни утврдил повреда на правото на фер и правично судење пред Апелацискиотсуд Битола, во врска со судската постапка која Талевска и Трпческа ја почнале  уште во почетокот на 2012 година пред домашните судови, за заверка на нивниот работен однос во Основен суд Охрид, како судски службеници, а врз основа на добиени правосилни решенија за вработување, кои тужениот РСМ- Основен суд Охрид, без никаков основ, одбивал да ги спроведе во државните служби за регистрација на работниот однос.

Соња Талевска, една од тужителките навраќајќи се на случајот вели дека во 2011 година бил распишан оглас за вработување за двајца судски службеници во Основен суд Охрид, каде на конкурсот како единствени две лица кои ги положиле сите испити биле таа и Татјана Трпческа. На 22 декември 2011 година ги добиваат решенијата за вработување кои се правосилни и ден денес неоспорени. Од нејасни причини, додава, тие тајно биле одјавени, без решенијата да се стават вон сила, без да се даде отказ. На 20 декември два дена пред да бидат потпишани решенијата за вработување, бил избран нов в.д претседател на Судот. Два дена потоа се потпишани решенијата, за потоа вработувањето да го стопира во надлежните институции. Поради ова, тие почнале судска постапка пред Основниот суд во Струга, во која Талевска и Трпческа тужеле и барале да се заверат правосилните решенија за вработување, бидејќи тие не биле и се уште не се поништени.

„Како спорно во текот на постапката пред Апелацискиот суд беше истакнато дека в.д претседателот не бил овластен потписник на тие решенија за вработувања. Во текот на судската постапка презентиравме докази дека освен нашите решенија за вработување, во истиот период на истиот ден се потпишани други решенија, договори со трети лица. Но, зошто е одлучено само нашите решенија да се оспорат на незаконит начин не ни е јасно“, вели Талевска.

На основа на сите докази во постапката и таквото известување со тежина на информација од јавен карактер, Основниот суд Струга, го уважува тужбеното барање. На пресудата следи жалба од Државното правобранителство, предметот е стигнат до Апелацискиот суд во Битола кој ја укинува пресудата. Вториот пат пак била донесена иста пресуда во корист на Талевска и Трпческа, Апелација ја преиначила пресудата, по што следела ревизија со која Врховниот суд ја уважил ревизијата и била вратена повторно на одлучување во Апелацискиот суд во Битола.

Истот суд пак ја преиначил пресудата која била во корист на Талевска и Трпческа и крајно по нивна ревизија, Врховниот суд ја одбил ревизијата. Со тоа вели, Талевска, ги исцрпивме сите домашни средства и ја поднесовме апликацијата до Судот за човекови права во Стразбур.

„Од страна на судот во Стразбур беше утврдено дека последната пресуда кој ја донел Апелацискиот суд во Битола ја засновал врз основа на некое известување од Судскиот совет, три месеци подоцна од нашето известување, каде било назначено дека претседателот можел да потпишува решенија откако ќе биде запишан во Централниот регистар. Нагласокот на ова известување како недозволен доказ од страна на Европскиот суд е тоа што ова известување никој не знае како стигнало во рацете на Апелацискиот суд во Битола, ниту е предложено како доказ во текот на постапката, ниту е изведено како доказ, ниту нас ни е дадено шанса како странка во постапката да го видиме и од тој аспект Европскиот суд зазема став дека тоа известување било наменски за постапката и во еден дел од пресудата вели :„тоа известување имаше за цел да влијае на пресудата која ја донел Апелацискиот суд во Битола“. Во текот на постапката државата спореше дека тоа известување било суштинско за да ја преиначи пресудата Апелацискиот суд. Но, Европскиот суд одлучи експлицитно дека Апелацискиот суд во Битола ја преиначил одлуката на првостепениот суд која била во корист на тужителките, а без да го проследи спорниот доказ, кој не смеел законски да го земе предвид во постапката. Во фаза на жалба не се дозволени изведување на никакви нови докази, тука е и кардинална грешка на Апелацискиот суд, до некаде и на Врховниот суд зошто ја премолчил повредата. Европскиот суд тоа го има потенцирано во пресудата“, посочи Талевска.

Со пресудата, додава Талевска, државата има неколку обврски меѓу нив финансиски. Вели досудената отштета од по 1500 евра има симболчично значење, но многу посуштински се обврските кои треба да ги преземе државата за подобрување на судската пракса, правдата и правичното судење. Во тој контекст оштетените поднеле предлог за повторување на постапката, посочувајќи дека правило е секогаш кога има повреда на право од Конвенцијата, односно во случајов неправично судење, да се бара обнова на постапката со цел целосно да се репарираат апликантите.

Доколу има несогласување по однос на тоа дали државата правилно ќе ја имплементира пресудата имаме право да реагираме до Комитетот на министри до Советот на Европа, додава Талевска потенцирајќи дека во нивниот случај имало флагрантно кршење и на процесните правила и на материјалното право.

Адвокатот Ристо Новаковски, од адвокатсткото друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, кое ја водеше постапката пред судот во Стразбур, вели дека во секојдневните борби пред македонските судови сведочи оти подолг период граѓаните не се задоволни од начинот на кој се дели правдата кај нас.

„Имаме право и ја бараме правдата во Стразбур, а сигурно кога овде би ја нашле граѓаните правдата и би биле задоволни од постапките и нашите институции, сигурно ќе се намалат апликациите во Стразбур, бидејќи не е пријатно да се утврди директна повреда на начелото на правично судење во домашните судови. Постапката за апликацијата е 60 000 денари согласно адвокатскиот тарифник, но во најголем број случаи нема рочишта, така да не се зголемуваат трошоците“, вели Новаковски.

Оваа пресуда велат за нивниот случај е исклучително важна, бидејќи на европско ниво 96 отсто од апликациите кои се доставуваат до Судот во Старзбур воопшто не се проследуваат до одговорната држава, што значи дека само 4 отсто ќе бидат разгледани пред Судот и од нив за само 2 отсто се носи пресуда, а за другите 2 отсто одлука.

Инаку, судскиот систем во земјава постојано е на критика на општата и експертската јавност, а нивото на доверба кое го имаат граѓаните во правосудниот систем е под десет проценти. (Р.Н.)

Целата сторија на следниов линк.