Пишува  Нано Ружин

Во деведесетите созреваат идеите за управувањето со кризите провоцирани од страна на катастрофите. Целта е да се надминат бројни пречки помеѓу оние кои помагаат и оние кои превенираат, помеѓу воените и цивилните сили, помеѓу „експертите“ и „праксеолозите“.  Во такви услови на живеење стануваат илузорни сите партиски препукувања и битка за рејтинзите, инаку  таа  неизлечива слабост на политичарите – да се профитира од секоја ситуација дури и кога е на штета на народот. Најзначајно е да се префрли одговорноста на спротивната страна. Ете во услови кога светот гори, политичарите знаат што да прават и упорно ги тераат сопствените агенди.

Политичарите слично на обичниот народ ова лето 2021 освен со пандемијата беа оптoварени со  спектакуларните и смртоносни пожари кои се протегаат ширум Европа: од Атлантик до Владивoсток и од Северното море до Медитеранот но и на американскиот континент и Австралија, пожарите како природни катастрофи или божји каприц се наметнаа како фундаментален проблем кој ги руши сите граници. На Сицилија, температурата достигна 49 степени, а катастрофалниот мозаик го надополни и разбудениот вулкан Етна. Снимките од катастрофалните пожари околу Средоземјето, Турција, Грција, Северна Македонија, Хрватска, Италија, Франција, Алжир, Сибир, Калифорнија го обиколија нашето глобално село и оставија непријатни импресивни чувства. Насекаде девастирани зони, ненормално високи теператури, илјадници хектари изгорени шуми, полиња, куќи, села, човечки драми и жртви, уништена скапоцена флора и фауна на сето тоа и пандемија со која медицината војува веке две години. Белки не дојде крајот на светот иако ниту Нострадамус ниту Тарабиќи ниту Баба Ванга не го предвидоа таквиот епилог за оваа 2021 година.

Можеби ѓаволот дојде да си ја наплати сметката за која експертите алармираа уште во 1990. Групата меѓувладини експерти за еволуција на климата-ГИЕК, во Извештајот од 1990 оцени дека негативните ефекти  ги интензивирале  „ двата екстремни циклуси на хидролошкиот циклус“ Потписниците од Париз на Conférence des Paris» COP 21 согласно Конвенцијата на ООН за климата , констатираа дека независно од  ветувањата на светските лидери дека ке се намали емисијата на СО2, тоа не се испочитувало. Напротив, климатските промени се интензивираа а една од застрашувачките последици се пожарите . Пожарите се резултат на климатските промени, големата суша, затоплување на атмосферата а во некои случаи од пироманството и невнимателноста на луѓето во природата.   Според податоците на Европскиот систем за информирање, за разлика од минатата година, само во Грција пожарите проголтаа десет пати повеќе шумовит терен. Турција слично на нашата земја ги доживеа најголемите пожари во оваа деценија. Во Алжир од пожарите загинаа над шеесетина луѓе. Во Сибир, пожарите се шират со енормна брзина, а чадот од изгорените шуми и тундри во Јакутија достигнал 3000 км се до Северниот пол, констатира американската космичка агенција Наса. Во САД, третиот најголем пожар во историјата на Калифорнија ги опустоши градчето Гринвил  и околното село  Канјондам. Овие пожари наречени Dixie Fire видливи се и од сателитските снимки. Тие уништија стотици згради и провоцираа евакуација на илјадници жители во северниот дел на Калифорнија. Вообичено е уште од епохата на Наполеон III (1856) државниците да ги посетуваат загрозените подрачја за да создадат емпатија меѓу погодената популација. При посетата на Гринвил, претседателот Бајден  вети голема помош на загрозените и истакна дека „неможеме да ги затвориме очите пред комбинираните ефекти на екстремната топлина, продолжената суша и виолентните пожари..ова ја наметнува потребата за битка против климатските промени..“

Во Грција, премиерот Мицотакис им се извини на граѓаните” за грешките и пропустите од кои треба да се извлечат нови поуки. Грција никогаш не смее да заборави тоа што се случи во северниот дел на островот Еубе. Пожарот кој избувна на депонијата Винча и го загрози воздухот во Белград, според Вучиќ, ја покажал слабоста на доцнењето во алармирање на опасноста. Во Северна Македонија, пожарите во Малешевијата и штетите што ги претрпе месното население предизвика зголемена активност на владата и Центарот за управување со кризи со кој раководи легендарниот Стојанче Ангелов. Стојанче е праксеолог. Тој не е добар оратор и неговите ситни гафови непотребно наидоа на општа критика и исмејување, независно што човекот искрено се ангажираше во рамките на можностите на техничките и човечките капацитети на ЦУК. Од своја страна Заев вети дека „граѓаните не треба да се грижат и ќе бидат обештетени за претрпените штети на нивните имоти“. Мицкоски во функција на билдање на сопствениот рејтинг, мудро молчеше и ги обиколи настраданите подрачја и порача дека се надева набргу пожарите да бидат изгаснати. Меѓутоа во негово име  ВМРО-ДПМНЕ побараа слично на Мицотакис и Заев да им се извини на граѓаните „Заев да смогне храброст и да се извини на граѓаните, и воедно да ја признае неговата неспособност со справување со пожарите“. Патем партијата, претпоставувам со знаење на Мицкоски  најави кривична пријава за „ненавремено справување со пожарите“. Иако ова барање е помалку парадоксално, со оглед дека во своето долго владеење ВМРО-ДПМНЕ не презеде ниту еден позначаен чекор за подобрување на она што Американците го нарекуваат „заштита на критичните (виталните) инфраструктури, овој сектор во изминатите години недоволно го разви и коалиционата влада на СДСМ.

Но дали постои штоф за споредба на македонските заштитни капацитети  со финансиските и човечките капацитети на Грција, Турција, Италија или САД. Северна Македонија не само што е финансиски многу посиромашна и кадровски и технички недоволно опремена, туку не е ниту  безбедносно ниту легалистички доволно организирана во овој домен. Сепак нашиот човек има душа и широко срце што го почувствуваа и постојано го истакнуваа екипите доброволци и пожарникари од соседството и од Австрија. Државата од своја страна заради статусот членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ, неопходно е да пристапи кон законска и практична имплементација на Директивата 2008/114/ЕЗ за заштита на виталните инфраструктури.

Северна Македонија доживеа  природна  катастрофа, зачинета со некој  пироман, и се надевам без никаква  партиска или идеолошка вмешаност. Денешните општества се „опшества со ризици“ од кои можат да произлезат и сериозни кризи по човечките животи и нивните добра. Природните катастрофи сами по себе произведуваат посебно консензуално чувство, со оглед дека се работи за исклучително специфични ситуации кои ги загрозуваат животите и добрата на луѓето. Во деведесетите созреваат идеите за управувањето со кризите провоцирани од страна на катастрофите. Целта е да се надминат бројни пречки помеѓу оние кои помагаат и оние кои превенираат, помеѓу воените и цивилните сили, помеѓу „експертите“ и „праксеолозите“.  Во такви услови на живеење стануваат илузорни сите партиски препукувања и битка за рејтинзите, инаку  таа  неизлечива слабост на политичарите – да се профитира од секоја ситуација дури и кога е на штета на народот. Најзначајно е да се префрли одговорноста на спротивната страна. Ете во услови кога светот гори, политичарите знаат што да прават и упорно ги тераат сопствените агенди.