Интервју на специјалниот советник за регионални прашања на претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија Горан Свилановиќ
Не гледам конкуренција меѓу Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и Отворен Балкан, ниту некаква поделба или отфрлање на другите земји. Работата е Северна Македонија, Србија и Албанија да не чекаат, да одат малку побрзо, а да бидат отворени за сите останати. Другите треба да согледаат дали овие три држави договорија и прават нешто вистински корисно и ако да, да речат: „па ајде и ние“, вели во интервју за МИА поранешниот генерален секретар на Советот за регионална соработка и дипломат, Горан Свилановиќ.

Според него, деловната заедница и луѓето од регионот воопшто, бараат конкретен бенефит и операционализација на соработката дефинирана на хартија.

Свилановиќ во интервјуто зборува за бизнис потенцијалите на регионот и нивната (не)искористеност, за воспоставувањето заеднички регионален пазар и за потребата од усогласување на инвестициските политки, но се осврнува и на владеењето на правото, како и на евроинтеграцискиот процес.

Г-дине Свилановиќ, закажана е втората средба на Отворен Балкан за почетокот на ноември во Белград. Зошто ваква нова иницијатива кога веќе постои Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и ако пораката од Скопје беше „Историјата да се затвори, бизнисот да се отвори“, што можеме да очекуваме сега?

– Во 2017 година премиерите на сите шест земји, со целосна поддршка на ЕУ и САД, се согласија да се движиме во правец на создавање едно регионално економско подрачје. Од тогаш до денес, се отиде чекор напред кон Заедничкиот регионален пазар 2021 – 2024, зад кој има документ со прецизно дефинирани активности. Идејата е да се искористат четирите слободи: слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, да се работи на трговија, дигитализација, истражување и наука и регионот да почне да функционира како една целина.

КИФ настана истата година, како глас на бизнисот, што во овој процес навистина недостасуваше. Политиката се развиваше, а бизнис секоторот тука немаше јасно учество. Кога се формира КИФ, идејата за заеднички пазар првпат се доближи до деловната заедница. КИФ испрати 14 писма до ЕУ во име на бизнис заедницата од регионот, наведувајќи што конкретно бара и рече „сакаме побрзо и сакаме датуми“. Тоа исклучително го ценам. Не се работи за датум за членство, туку за датум кога она што е начелно договорено ќе се потпише и ќе почне да се спроведува. КИФ тоа го побара и од лидерите на нашите земји, но и од ЕУ – да се каже конкретно кога склучените договори ќе влезат во сила, како што беше случајот со роамингот.

Луѓето бараат да видат конкретен бенефит од соработката – во транспортот каде камионите се уште стојат или во слободата на трговијата со услугите. Ако сте сопственик на стоматолошка ординација во Скопје, да можете да отворите ординација каде било во регионот без дополнителни процедури, квалификацијата да ви биде признаена. Овие работи мора да се операционализираат. Но, засега стојат. Зошто? Затоа што некогаш треба навистина многу закони да се сменат, а некогаш и најчесто за некои прашања се уште нема решение, како во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тука е всушност воведот во приказната со Отворен Балкан. Тоа е вистинската причина за ваквата иницијатива. И воопшто не се работи за друга агенда. Целта е само да одиме побрзо, но истовремено да бидеме отворени и за останатите. Во таа смисла, не гледам конкуренција меѓу КИФ и Отворен Балкан, ниту некаква поделба или отфрлање на другите земји. Работата е овие три земји да не чекаат, да одат малку побрзо, а да бидат отворени за сите останати. Другите треба да согледаат дали овие три држави договорија и прават нешто вистински корисно и ако да, да речат: „па ајде и ние“.

Дали тоа значи дека, практично, ги заобиколуваме проблемите на некои од земјите на КИФ за да движиме напред?

– Чесно е тоа што го кажавте. Не можам да не се согласам со Вас. И тоа во дипломатијата го имате – „кога не можеме да се договориме околу некои теми, ајде да се договориме дека не сме се договориле, а да работиме на она околу кое можеме да се договориме“. Точно тоа се случува во овој момент.

Не можам да кажам која ќе биде пораката од втората средба на Отворен Балкан во Белград. Навистина се надевам дека се што сега работи оваа тројка, ќе го интегрираме на овој единствен пазар во регионот, нешто што ЕУ го поддржува јасно и е подготвена да инвестира средства. Средства ќе инвестира кај сите нас, во одредени сфери (климатски промени, енергетика), во сé она што се вика „зелена агенда“ за Балканот, како дел од идејата за ЕУ на новите генерации. До 20 милијарди евра треба да се слеат во регионот според Европскиот инвестициски план. Отворен Балкан ова не го руши, нема друга, некаква своја агенда. Единствената цел е да се оди побрзо и ништо повеќе од тоа. Тоа значи, на пример, ако имате право на престој тука, да имате право на престој и работа и во Србија и во Албанија, во сите три земји.

Ако еден ден навистина бидеме во ЕУ, идејата е таа. Само, во очекување на таа голема одлука на ЕУ, велиме: „Зошто ние да не го примениме тоа што можеме“. Тоа, дополнително, е и во согласност со европските прописи. Не седнаа тројцата лидери и не рекоа: „Е сега ќе направиме нешто што нема врска со ЕУ“. Туку, само, „ајде ако може побрзо, да бидеме поефикасни и некои договори да ги дотераме дотаму како што е во Европската унија“. Нема буквално никаква „зла крв“ во тоа.

Се најавува средба во Будимпешта меѓу стопанските комори од Западен Балкан и коморите од Вишеградската група. Која е идејата зад сето ова? Дали само „собирање“ искуства или можеби има и нешто друго?

– Да бидеме искрени. Дали тие не поддржуваат во нашите европски аспирации и во нашиот развој? Да. Дали одделни земји од таа група во овој момент имаат поинакви сфаќања внатре во Унијата? Имаат. Тоа е точно. Но, ние на никој начин не влијаеме на тоа, ниту се мешаме. Има неколку добри работи кои досега овие земји ги направија додека го одеа патот кон ЕУ. Успеаја меѓу себе да се договорат за некои заеднички политики, заеднички да туркаат некои процеси низ ЕУ и тоа можеме да го научиме од нив. На пример, лобирањето внатре, кај земјите-членки. Како изгледало лобирањето пред да влезат во ЕУ, а како потоа. Тоа навистина може да биде корисно за нас и не би го мешал со проблемите кои ги имаат некои од овие земји членки со Брисел.

Регионот се чини како постојано да ја врти истата „матрица“. Една држава (Југославија) веќе „растуривме“, а сепак „се држиме заедно“, форсираме некакви заеднички  иницијативи, го бараме „спасот“ во меѓусебната соработка. На што се должи тоа и дали го фаќаме вистинскиот правец? 

– Ова го слушнав прво како забелешка – „овие сакаат да прават повторно Југославија“. Но, не е таква идејата. Никој не прави Југолсавија. Народите кои живеат во овој регион сепак во еден момент се изборија за независни, суверени и сопствени држави. Не се подготвени да одат чекор назад и никој за тоа не размислува. Исто така, секоја од земјите се определи и за членство во ЕУ. Но, заедно со тој сон, се случува и вистинскиот живот. Да зборуваме отворено. Животот оди по некои текови кои големата политика ја ставаат некако на страна.

Нашата реалност е заеднички пазар иако постојат пречки: фитосанитарни инспекции, непризнавање сертификати, нерегулирани премини, чекање редови или проблеми со извозот на жито како што е случајот меѓу Србија и Северна Макдонија. Такви пречки ќе постојат и по 10-15 години, но важно е што тука нема политички проблеми иако тие се рефлектираат зашто ако на политичко ниво нема договор, тоа се чувствува и во бизнисот и ги забавува процесите.

Треба да се овозможи движење со лични карти. Јас одам и во Приштина со лична карта, но луѓето од таму не можат да одат со лична карта во БиХ. Тоа е реален проблем што треба да се реши. Ако така не можат да патуваат, луѓето нема да сакаат и да работат – ќе им треба виза, документи.

Економски реформи, реформи во правосудството, борба со организираниот криминал и корупцијата, подобра инфраструктура… Ова се неизбежните и клучни прашања на секоја тркалезна маса, форум, дебата во земјава, но и во останатите држави од регионот. Колку реално успеавме во изминатите три децении на овие полиња, постигнавме ли некаков резултат? 

Една од основните идеи на ЕУ е земјата подготвена за членство да биде целосно уредена, да биде држава во која владее правото, но тоа не подразбира само независно правосудство, туку функционирање во секоја смисла и на секојдневна основа – да функционира сообраќајот, здравството, образовниот, банкарскиот систем. Граѓаните да имаат доверба во здравствените и банкарските институции. Сé тоа е владеење на правото. Да не треба да вртите телефон и да молите некој да ви заврши работа. Тоа се тие мали корупции кои се само сигнал дека постои многу поголема корупција за многу поголеми работи.

Го спомнав Европскиот инвестициски план, можноста да се повлечат 20 милијарди евра. Тоа ќе биде условено со почитување на владеење на правото. Тоа значи дека некои земји можеби нема да добијат поддршка. Ако Извештајот за напредокот е негативен, ЕУ ќе рече „ако ова не се реши, нема да има пари“. Тоа е вид влијание на Брисел. Исто, услов е и дали земјата ги спроведува „зелените“ политики, дали ја реализира „зелената агенда“.

Од друга страна, битно е и какви се сигналите, кои како сега, после Брдо кај Крањ, не се баш охрабрувачки.

На што конкретно мислите?

– Постои еден вид обесхрабрување за да се продолжи со реформите. Морам да зебелажм дека Северна Македонија е навистина, во некој смисла, жртва, зашто направи сериозни чекори напред, храбри чекори. Прво, Охридскиот договор, па Преспанскиот. Како што велеше премиерот Ѓинѓиќ: „Кога голташ жаби, почни од најголемите“. Тука долго време се „готвеше“ таа политика и во еден момент имаше доволно храброст да се каже: „ајде да пресечеме, да се договориме, ова е компромис“. И тоа е навистина храбро. Жал ми е што тоа доведе до поделба меѓу луѓето, но таква е реалноста. Таа поделба би била помала кога охрабрувањето од Брисел би било поголемо. Тогаш луѓето кои можеби не се согласуваат со секој дел од Договорот, ќе речат: „добро, барем ќе биде добро за моите деца“. За жал, тоа охраборување не дојде и за тоа сум многу критичен, кажувам отворено. Неопходно е и важно да се охрабри секој што утре ќе ја води оваа земја – да знае дека има партнер во ЕУ кој ќе каже: „во ред е, тоа го договоривме и тоа ќе го почитуваме“.

Во овој момент довербата е ослабена. Едно ветување е неисполнето, а условите се исполнети. Тука е направен голем чекор кој не го доби она што требаше – датум за почеток на преговорите. Сметам дека тоа само дополнително ја продлабочи недовербата на некои од луѓето кои живеат тука. Навистина ми е жал, не е добро што е така. Всушност, не се работи за Брисел, туку за земјите членки. Тие одлучуваат, а не Комисијата. Тоа е исто така политика, нивна национална политика – доаѓаат, на пример, важни избори во некои од земјите. Сепак, одговорноста е поделена. Има нешто и до нас – не ги убедивме граѓаните на тие земји членки дека напредуваме, дека се реформираме. Тие што се лидери таму, водат некаква политика, имаат свое избирачко тело. Ние мора да комуницираме со тоа избирачко тело, постојано да му испраќаме позитивни пораки за нас, за она што го работиме, а не негативни. Нивото на нашата уреденост како држави, испраќа слика не само во Брисел, туку и во секој од градовите кои ги водат политичарите на земјите членки. Тоа е многу тешко, можеби и најтешко – да се договорам со министерот на нејкоја земја да, но да го убедам неговото избирачко тело не е лесно. Затоа мора постојано да комуницираме и да испраќаме пораки што добро сме сработиле, за на тој политичар да му биде лесно да донесе одлука да не поддржи.

Во овој контекст, очекувате ли одржување на првата меѓувладина конференција во декември и кој е воопшто Вашиот став за македонско-бугарскиот спор?

– Не можам да знам дали во декември ќе се одржи меѓувладината комисија. Тоа е многу чувствителна тема. Јас набљудувам од страна и имам големи очекувања дека со формирањето на новата влада во Софија, дијалогот повторно ќе се отвори и дека ќе се најде компромис. Тоа е клучна работа која е многу важна. Сите во регионот се израдувавме кога една од трите големи теми беше отстранета, а тоа е Преспанскиот договор. Изненаден сум дека после тоа дојде до застој. Тажен сум, следам што ќе се случи и се надевам дека во Бугарија ќе има нова влада со полн капацитет која ќе седне со своите партнери во Скопје и ќе рече: „ајде да бараме решение“. Се надевам дека ќе се најде компромис и дека ќе се почитуваат луѓето кои живеат од двете страни на границата, како и некои заеднички вредности на ЕУ, билатералното недоразбирање да не се користи за стопирање на процесот. Со тоа, бројот на „големите теми“ кои на сите нас ни ги кочи приклучувањето кон ЕУ ќе се редуцира. Ќе останат уште дијалогот меѓу Белград и Приштина и функционалноста на БиХ. Тоа се работи кои може да се договорат.

Г-дине Свилановиќ, остава ли ЕУ со недефинираната политика на проширување простор за влез на трети страни во регионот (Кина, Русија,Турција)? 

– Колку една земја е поблиску до полноправно членство во ЕУ, толку повеќе има некакви рестрикции во смисла на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Но, ние не сме уште таму. Тоа им овозможува на нашите земји за некои теми да бидат поотворени за да реализираат некакви економски, деловни интереси и инвестиции, дали со Кина, Арапаските Емирати, Русија,…

Тоа е исто така и мојата порака до Брисел: ако се млаки пораките од Европскиот совет кон нас во врска со членството, нормално е и поддршката на заедничката политика на ЕУ во областа на безбедноста и посебно на надворешната политика, да биде во најмала рака послаба, под влијае на некои краткорочни интереси, деловни или други. Тоа е едноставно зашто нема вакуум, сите знаат дека нема вакуум во надворешната политика. Ако некој напушти некој простор, влегува друг. Сметам дека вкупното ниво на ангажирање на другите партнери во овој момент не е преголемо, а Европскиот инвестициски план е добро охрабрување за и понатаму тука да се водат клучните политики согласно европските, со целосна поддршка на европскиот капитал.

Да се вратиме повторно на регионот. Колку е искористен капацитетот за бизнис соработка и во што гледате најмногу потенцијал? Во кои области?

– Целата идеја за заедничкиот пазар е всушност да се искористи потенцијалот што постои преку унапредување на регионалната трговија. Така всушност почна се. Ако е тоа 10 отсто, да направиме да биде 13. Кога идејата стана јасна, размената меѓу нас скокна за една милијарда евра. Но, да бидам сосема скрен. И натаму процентот на нашата меѓусебна трговија во однос на процентот на вкупната трговија беше ист или за нијанса помал. Во апсолутни бројки порасна за една милијарда, но во релативни бројки тоа уште не е вистински напредок. Ако сублимирам, имаме реален раст во меѓусебната трговија, но она што сега се договара треба да ги отстрани сите пречки. Пред сé, мислам на протоколот за трговија со услуги, усогласен и ратификуван меѓу четирите држави. Тоа ќе отвори нов простор. Кога вакви прашања не се решени, многу го отежнуваат бизнисот. Инструкциите од Белград велат дека бизнисот треба да биде што послободен и порастоварен, како и дека има целосна поддршка, независно дали се работи за трговија со Скопје, Подгорица, Приштина или БиХ. Тоа е добро, постои свест колку е тоа важно за сите нас. Но, вистина е и дека кога ќе дојде до примена на правните инструменти, наидувате на правни проблеми чија причина е дипломатска.

Во однос на областите, би го спомнал туризмот. Но, тука е и гејминг индустријата која доживува бум, а е поврзана со дигитализацијата која, пак, е еден од столбовите за формирањето заеднички пазар. Идејата за меѓусебно признавање на квалификациите и дипломите би овозможила движење меѓу нас: професионалци, истражувачи, млади,…

Би нагласил и дрка големите играчи не гледаат како едно, а не како мали држави и очекуваат, ако дојдат во некоја од земјите во регионот, да ги користат капацитетите и од другите и притоа да немаат пречки. Зборувам за две работи, првата е да се хармонизираат инвестициските политики, да нема судири меѓу Белград и Скопје при привлекувањето странски вложувачи, да се намали притисокот на тој наш „внатрешен натпревар“. Сега, корона пандемијата ни даде голема шанса – ни покажа дека Кина е одеднаш многу далеку, поврзана со многу ризици. Изгледа дека автомобилската индустрија полека ќе дојде накај нас, наместо да оди таму. Ако дојде некој таков инвеститор, треба да се направи листа на фирми кои би имале корист од тоа, независно од која земја во регионот се. Тоа би било природно ако можат слободно да се движат, ако се признаваат нивните документи и сертификати. Така ова ќе стане еден пазар што би привлекол повеќе инвеститори кои би не е гледале како 18 милиони, а не како три или четири милионски пазар.

На повидок е нова криза. Според предупредувањата, допрва не очекуваат ценовни шокови. Струјата на светските берзи е 240 отсто поскапа во однос на минатата година, а цените на храната, според ФАО, се зголемени за 32 процента. Колку е важно во вакви услови, секоја држава одделно да реагира, да преземе некакви мерки внатре и што конкретно треба да се направи за да се амортизира ударот? 

– Енергетската криза ја чувствуваме сите, поврзана е и со КОВИД-от, но и со непланирањето на капцитетите за складирање и недоволно јасните развојни политики. Ние имаме клучен партнер, тоа е Секретаријатот на Енергетската заедница, чија задача е да овозможи трансмисија на европските политики надвор од нејзините граници, што значи накај нас, за во голема мера да ги применуваме. Тука имаше разни застои. Таа политика појде од енергетика, но во овој момент е споена со заштита на животната средина. Се настојува овие простори да се подготват за климатските промени. Сите ние се согласивме на тој „трет пакет“, но го применуваме со многу застои.

Според мене, единствениот вистински одговор е зголемување на капацитетите на обновливи извори. Заеднички ни е проблемот, решенијата на ниво на ЕУ се договорени, а секоја од нашите влади треба да вложи дополнителен напор за да се обиде да го спроведе тоа, да видат дали добро го планирале прилагодувањето и да го продолжат договореното во ЕУ. Ништо не е специфично тука што не сум го видел во Белград, Подгорица или Сараево, ниту станува збор за тоа дека некоја влада е повеќе или помалку способна. Енергетиката ќе биде скапа, но ќе биде скапа за сите нас што ќе биде само поука дека треба многу повеќе и побрзо да се инвестира. Никој од нас нема да биде енергетски независен.