Класифицираните информации кои Доналд Трамп му ги дал на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров доаѓаат од Израел, објави денес Њујорк Тајмс.
Оваа информација може да ги наруши односите помеѓу Вашингтон и Тел Авив во моментот кога Трамп се подготвува да го посети Израел во наредните денови.
Вашингтон Пост објави вчера дека Трамп му открил класифицирани информаци на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров при нивната средба во Овалната соба во Вашингтон.
Информациите се однесуваат на операција на терористичката група Исламска држава (ИД) поврзана со употребата на лаптоп компјутери во авионите. Вашингтон ги добил информациите од свој извор кој не дал дозвола тие да бидат споделени со друга земја.
Белата куќа демантираше во обид да го изгаси пожарот на обвинувања но демократите и некои републиканци во Конгресот овој потег на Трамп го оценија како „опасен и несовесен“.
Но самиот Трамп на Твитер призна и напиша: “Како претседател сакав да споделам со Русија, за што имам апсолутно право, факти во врска со тероризмот и безбендоста на авио летовите”.




