До 19 односно до 24 часот денеска трае рокот за поднесување приговори и тужби во однос на локалните избори што се одржаа во неделата. Откако ќе се постапи по приговорите ќе бидат познати и конечните резултати за првиот круг гласање.
Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.
– Точен број каде изборите завршиле во прв круг може да соопштиме кога резултатите ќе станат конечни, односно кога ќе заврши постапката за одлучувања по приговори и тужби. Подносителите на листи имаат право и на судска заштита, односно да поднесат тужба до Управниот суд. Откако ќе заврши целата таа постапка, можеме да ги објавиме конечните резултати и тогаш ќе имаме точна претстава во колку избирачки места изборите завршиле во прв круг, а во колку општини ќе има втор круг, рече претседателот на ДИК Александар Чичаковски вчера на прес-конференција.
ДИК: Конечни резултати ќе има по истекот на роковите за жалби
Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
СДСМ направи пресврт
Четириесет и пет општини добија градоначалници по првиот круг од локалните избори што се одржаа вчера, а во 35 општини на 29 октомври ќе се гласа во втор круг.
Од досега преброените гласови, излезноста е повеќе од 60 отсто, а исходот од локалните избори кои вчера се одржаа најавува голем пресврт на политичката сцена во Македонија.
СДСМ на овие избори направи целосен пресврт во распоредот на градоначалниците и извојува голема победа.
Во првиот круг избрани се градоначалници на Аеродром, Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Гевгелија, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Илинден, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Куманово, Лозово, Маврово – Ростуше, Неготино, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Прилеп, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар, Центар Жупа, Чучер Сандево и Дебрца.
Втор круг ќе има во Боговиње, Брвеница, Бутел, Виница, Врапиште, Гази Баба, Гостивар, Градско, Дебар, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Желино, Зрновци, Јегоновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Липково, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Сарај, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чаир, Чашка, Чешиново – Облешево, Штип и Шуто Оризари.
Според Државната изборна комисија, на вчерашните локални избори има 51.164 неважечки ливчиња за гласање за општинските совети, додека за изборите за градоначалници има 45.066 неважечки ливчиња.
Шест кривични дела
Изборниот ден генерално помина во мирна атмосфера без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Од Основното јавно обвинителство денеска информира дека до завршување на изборниот ден, сумарно во Основните јавни обвинителства во Република Македонија се постапува во шест кривични дела.
„Еден во ОЈО Битола, два во ОЈО Кочани и три во ОЈО Скопје. Во нив обвинителството постапува поради утврдено постоење на основано сомнение дека се сторени кривични дела поврзани со изборниот процес. Во текот на овие предистражни постапки кои се водат во обвинителствата се преземаат дејствија за прибирање на докази за комплетирање на предметите и донесување на јавно обвинителски одлуки за натамошно постапување“,рече Џељаљ Бајрами, претседателот на Привремената комисија при ЈОРМ за следење на изборни нерегуларности.
Делата за кои се водат постапките се однесуваат на „Поткуп при избори и гласање“, „Злоупотреба на избирачко право“ и „Изборна измама“.
„Основните јавни обвинителства во Република Македонија исто така постапуваат и за други седум настани, за кои јавните обвинителства имаат добиено известувања од Министерството за внатрешни работи или пријави од граѓани и други надлежни институции, а каде засега има само основи на сомнение дека има елементи на сторени кривични дела. Во овие предистражни постапки за настани кои се случиле на територија на ОЈО Битола, Охрид, Струга, Скопје и Кочани, јавните обвинителства преземаат дејствија за утврдување на факти, во насока на тоа дали воопшто има елементи на сторени кривични дела. Постапките се за евентуално сторени кривични дела „Повреда на слобода на определување на избирачите“, „Поткуп при избори и гласање“, „Противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори“, рече Бајрами.
Тој додаде дека во текот на изборниот ден, во Основните јавни обвинителства , како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.gov.mk пристигнати биле бројни известувања и дека во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност.
ОБСЕ/ОДИХР констатира напредок
Локалните избори во Република Македонија беа конкурентни, темелните слободи почитувани и покрај кредибилни наводи за прекршоци, соопштија на денешната прес-конференција меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.
„Одржувањето на локалните избори придонесе кон зајакнување на довербата во демократскиот процес. Изборите се одржаа во конкурентно опкружување каде кандидатите генерално можеа да водат кампања без ограничувања, а темелните слободи на здружување и изразување беа севкупно почитувани.
Некои кредибилни наводи за купување гласови, притисок врз гласачите и изолирани случаи на насилство се случија во предизборниот период. Мониторираните медиуми понудија непристрасно покривање на натпреварувачите и ја потпомогнаа можноста за политичка дебата. Иако беа воочени некои процедурални нерегуларности, изборниот ден главно протече уредно“, наведоа набљудувачите во нивната прелиминарна изјава за изборите.
Карим Ван Овермеире, шеф на делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при СЕ, истакна дека вчерашните избори беа добро организирани, севкупно мирни и генерално во согласност со меѓународните стандарди.
Одри Гловер, шеф на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, истакна дека иако процесот се уште не е завршен, на овие избори е забележан напредок во демократскиот процес во земјата и оти довербата на гласачите во изборниот процес расте.
– Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг – рече амбасадорката Гловер.
За тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности, претставниците на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа со став дека избори без неправилности се невозможни. Сепак, тие сметаат дека севкупната слика покажува дека ова беа добро организирани и мирни избори, а доколку има фактички докази за нерегуларности набљудувачите на ОБСЕ ќе ги следат, како и евентуалното покренување постапки.