Македонски Телеком е единствената фирма која се јави на тендерот за изработка на нови електронски автобуски картички, кој го распиша ЈСП Скопје.

НОВА ТВ денеска во 11 часот присуствуваше на отворањето на тендерот, каде што не се појави претставник од Телеком. За изработка на овие картички, Телеком понуди 11 милиони денари, што е повеќе од проценетата вредност.

Како што пишува во конкурсот, за да се квалификува како способен за да ја изврши јавната набавка економскиот оператор треба да има најмалку еден реализиран договор во последните три години, со еднократно испорачани 100.000 картички.

Исто така, фирмата мора да има согласност од производителот на системот за електронска наплата на билети дека испорачаните картички се компатибилни со системот.

Ова е втор тендер за набавка на електронски картички, што значи дека според условите од тендерската документација, може да го добие само фирмата што ги испорачала првите картички. Првиот тендер, пред околу една година го добила фирмата „Гентомар“, но вклучен бил и Македонски Телеком.

Од компанијата Телеком, која исто така е вклучена во изработка на е-системот за градскиот превоз, во јануари за НОВА потврдија дека тие изработиле 400 илјади електронски картички.

Од ЈСП Скопје за НОВА објаснија дека тие освен со „Гентомар“ склучиле договор со Македонски Телеком во обезбедувањето на новиот систем на наплата на билети во автобусите. Договорот пак со фирмата „Гентомар“, според нив има за цел да ја прошири продажната мрежа на ЈСП Скопје и да овозможи продажба и надополнување на електронски билети на минимум назначените локации во техничката спецификација.

„Во претходна координација со ЈСП Скопје може да се овозможува продажба и на други локации освен дефинираните. согласно истата набавка ЈСП Скопје освен своите продажни места кои ги има на 32 локации, моментално врши продажба и надополнување и на дополнителни 52 локации низ главниот град“, велат од ЈСП.

Трагајќи по сопствениците на компанијата, во документите за сопственоста излезе интересен детаљ, кој го поврзува името на сопственикот со имиња кои беа вклучени во еден од најголемите скандали од времето кога министер за финансии беше Никола Груевски – Националната платежна картичка.

НОВА ТВ пред неколку месеци истражуваше за оваа фирма и според податоците од Централниот регистар, сопственик на компанијата „Гентомар“ е Боби Кузмановски, фирма формирана во март 2014 или 15 месеци пред доделувањето на набавката од  страна на ЈСП.

Кузмановски по професија е професор по физичко воспитување. НОВАТВ открива дека претходно Кузмановски бил вработен компанијата  „Бизнис инвестмент груп“ – компанија во сопственост на Стефан Пулејковски и Благој Јовчевски.

Пулејковски заедно со Дарко Дулиќ (син на експратеничката Благородна Дулиќ) во 2002 година го доби бизнисот за Националната платежна картичка во вредност од три милиони евра, каде шеф бил тогаш министерот за финансии, Никола Груевски. Директор на НПК, пак,беше Владимир Мијалков, братучедот на Груевски кој денеска е советник на директорот во Царината. Во 2004-тата државните ревизори констатираа дека постои можност опремата за Националната платежна картичка воопшто да не била испорачана, додека компанијата „Виста Процесинг“ само една година откако го добила милионскиот бизнис отишла во стечај.

Националната платежна картичка стана голем скандал во тоа време и прв случај на тазе формираната Антикорупциска комисија. Случајот никогаш не доби завршница и до денеска не е познато каде завршија парите дадени за НПК. Сепак, Пулејковски и понатаму продолжи да ги шири своите бизниси – најмногу во сферата на ИТ и електронските услуги. Неговите компании со години добиваат тендери особено за правење и одржување на електронските системи во институциите.