Поранешниот премиер и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска е осуден на две години затвор за кривично дело „Примање награда за противзаконско влијание“. Тој не дојде во судницата да ја слушне пресудата, иако утрово во 9.30 часот тој беше во судот на рочиштето за предметот „Траекторија“ кој се однесува на изградбата на автопатите Демир Капија- Смоквица и Миладиновци – Штип. При влезот во Кривичниот суд тој се поздрави со семејствата на жртвите во „Монструм“ за кој рочиштето беше закажано во исто време. Извори од одбраната на Груевски велат дека тој не дошол на изрекувањето на пресудата затоа што „не сакал да ги потпалува тензиите надвор“ каде што се одржуваше протест на неговите поддржувачи.

Околу 40 граѓани протестираа денеска пред Судот во Скопје. Демонстрантите пред Судот извикуваа „Уа СЈО“ и „Слобода за Груевски“. Меѓу пристните беа и поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски и на Аердром Ивица Конески, како и Александар Пандов член на ВМРО ДПМНЕ. Но по изрекувањето на пресудата тие не беа пред Судот. За време на протестот на познатиот и верен поддржувач на Груевски и Мијалков, бате Геле му се слоши, за кратко време беше освестен но сепак мораше да интервенира и Брзата помош која го пренесе во болница.

Груевски со набавката на луксузниот мерцедес ги потценил и омаловажил граѓаните

Образложувајќи ја пресудата, судијката Добрила Кацарска за Груевски рече дека целосно ги исполнува сите елементи на кривичното дело за кое што е обвинет.

Според судот, Груевски го искористил своето реално влијание како премиер и и побарал од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која исто така е обвинета во овој предмет, да се купи возило блиндиран мерцедес.

„Јанкуловска со умисла го поттикнала обвинетиот поранешен помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски да ја фаворизира фирмата Макаутостар-Скопје“ се’ со цел да му ги исполни желбите на Груевски“, рече меѓу другото Кацарска.

Со тоа, според судот Груевски тоа го искористил за себе на незаконит начин да си обезбеди возило за кое не само што не биле информирани граѓаните, туку и се договориле да глумат дека возилото е на МВР и со тоа да остварат политички поени.

„Чест е да се биде носител на јавна функција во Македонија, особено е чест да се биде премиер. Затоа истиот треба да се грижи за интересите на грѓаните, не само тој туку секој носител на јавна функција треба да знае дека еден од основните принципи е принципот на отчетност. Граѓаните  мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој, најмалку носителот на јавна функција, тука секако пред се премиерот, не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните како што тоа го сторил обвинетиот Никола Груевски. Тој успеал да обезбеди за себе на незаконит начин возило марка мерцедес“, рече Кацарска.

Ова е прва пресуда за Груевски од петте обвиненија што против него ги поднесе Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ѓоко Поповски пак, доби 6 и пол години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување. Судот смета дека не може да стане збор дека обвинетиот Поповски не бил свесен дека со таквата одлука се фаворизира набавка на таков блиндираниот мерцедес.

Во случајот „Тенк“ обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска но за неа, поради ризична бременост постапката е издвоена во друг предмет.

Адвокатот на обвинетите Димитар Дангов по изрекувањето на пресудата рече дека одбраната е незадоволна од одлуката и дека ќе вложат сериозна жалба, бидејќи, како што рече тој ниту еден од обвиентите не е виновен за делата што им се ставаат на товар. За неприсуството на Груевски на изрекувањето на пресудата Дангов рече дека тоа е негово лично право.

Како е договарано купувањето на „тоа на м“

Во образложението на судот, се наведува дека неспорно е дека е набавено патничко возило марка мерцедес С600 гард во вредност од 35. 226. 000 денари, а обвинетите знаеле дека се работи за скапо возило. Тоа е набавено со пари од МВР, а од доказите произлегува дека ќе го користи обвинетиот Никола Груевски како премиер.

Никола Груевски според Судот извршил влијание со тоа што побарал од Јанкулоска како највисок функционер во МВР да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши- јавна набавка според која МВР ќе купи мерцесе С 600 гард. Таа со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски преку Макаутостар кој е дистрибутер на мерцедес за Македонија да ја изврши набавката.

Судот нагласува дека бил објавен оглас за јавна набавка со кој се фаворизира фирмата Макаутостар за што се дадени спецификации врз основа на кои е изработена тендерска документација, кои како што се истакнува упатуваат комплетно на мерцедес од Дајмлер од Германија.

Од доказите доставени до судот произлегува дека во техничиките спецификации се наведни и посеби услови во однос на сервисирањето, што според судот, може да ги понуди само Макаутостар кој има овластен сервис за вакви возила од програмата на Дајмлер. Со ова, смета Судот е исклучена можноста друг да понуди вакво возило и не може ни да го набави па да го понуди, бидејќи единствен овластен дистрибутер за овие возила за Македонија е Макаутостар.

Техничките спецификации за возилото се споменуваат и во аудио снимките, каде се наведува дека треба да е луксузен пакет и фул опрема. Судот наведува дека постоеле и други производители кои имаат такви спецификации, но тие не биле блиндирани и тие спецификации одговарале само на мерцедес.

Судот исто така укажува дека постоело прилагодување на техничките спецификации со што јасно се фаворизира марката мерцедес,, односно спецификациите од тендерската документација се идентични со понудата од Макаутостар.

Судот смета дека Поповски не можел да не биде свесен за фавозиризањето. Но сепак на 30.05. 2012 година донел одлука за избор на најповолна понуда, а на 11. 06. 2012 склучил договор за јавна набавка од Макаутостар . На 08.06. 2012 од МВР се префрлени 29. 852. 542 денари и уште 5. 373. 458 денари ДДВ.

Потписник на овој договор е Ѓоко Поповски за МВР и сведокот Зоран Марковски од Макаутостар.

Од МВР на Макаутостар заклучно со 29.10. 2012 му биле исплатени 35. 226.000 денари.

Возилото е резервирано пред да има оглас за набавка

Судот го истакна фактот што резервацијата за ова возило до Дајмлер Штудгард е испратена од Марко Јовановски 30. 03. 2012, во време кога се уште не е донесена одлука за јавна набавка на возило, за што доказ е електронската комуникација од 29.03. 2012 на сведокот Марко Јовановски до Дајмлер Штудгард. Во неа тој пишува дека од МВР им кажале кога ќе биде објавен огласот и спецификацијата, да го сочуваата возилото, бидејќи ќе ја земеле класата С.

Судот се осврна и на аудио снимките од телефонските разговори на Груевски со Јанкулоска, на Јанкулоска со Кирил Божиновски (генерален секретар на Владата во тоа време), на Јанкулоска со Поповски и на Јанкулоска со Сашо Мијалков (тогаш прв човек на УБК).

Уште во февруари 2012 година пред да биде распишан тендерот Груевски во разговор со Јанкулоска и вели дека проспектот е пред него, а другите не му требаат, а таа треба да продолжи со реализиација. Судијката нагласи дека се оди до таму што се бара возилото да има екрани позади кога се вози со малите. Тој уште вели дека ги видел сите три проспекти, но дека го одвоил овој и да го тера „фул, се’“.

Понатаму Судот вели дека постапката се држела во тајност, односно дека Груевски бил свесен дека тоа што го прават е неисправно и не се осмелувал да го спомене ни возилото со целото име, па користи „она на м“, алудирајќи на мерцедес.

Од тие разговори, на 14. 03. 2012 меѓу Груевски и Јанкулоска, според судот,  се гледа дека Груевски се интересира за ова возило, а Јанкулоска вели дека го ставиле во постапка, а таа им кажала како треба да испадне, „сто посто електорникс, да не им улета некој друг“, односно дека „на човекот што е таму отворено му кажала како да испадне“.

Со ова, според судот бил запознат и Божиновски, кој барал да знае кога ќе биде распишан огласот, при што ниту тој не го споменува возилото со целосното име, туку зборува за „триаголникот“, што е асоцијација на логото на мерцедес.

Притоа Јанкулоска вели дека „ние го правиме така да биде“, „да нема маневарски простор за друг“.

Поповски во телефонски разговор со Јанкулоска од 14.03. 2012 кажува дека „како се договориле и така треба да биде“, а таа му вели „да не ја утнат таму работата“. Поповски рекол дека очекува по електронска пошта да му ја пратат спецификацијата – да ја нагодат.

За судот доказ дека целата оваа процедура се криела од јавноста е и разговорот на Јанкулоска со Грувски од 10 .07. 2012 каде Груевски и кажува дека додека не завршат локалните  избори ќе глумат дека возилото е на МВР, а кога ќе има новинари, Груевски ќе оди со старото возило, или до некаде ќе оди со новото, а потоа ќе се префрла во старото.

Тој и рекол на Јанкулоска да им каже на луѓето задолжени за возилото дека многу често ќе го користи.

Во разговор од 20.07 2012 меѓу Мијалков и Јанкулоска таа му кажува дека мерцедесот е пристигнат и „ставен во гаража кај премиерот“,  дека тој е „фантазија“ и дека се’ што пишува во каталогот, се’ има.

Судот го посочи и разговорот од 29.08.2012 меѓу Јанкулоска и Божиновски, каде таа рекла дека од МВР контактирале со Марковски (Макаутостар)  „да им каже некоја финта“.

Според судот, врз основа на сите докази неспорно е дека Поповски и Груевски целосно ги исполнуваат сите елементи од кривичните дела за кои се обвинети.

Во врска со тврдењата на одбраната дека постоела потреба од набавка на вакво возило, Судот рече дека предмет на ова обвинение не е потребата, туку начинот на набавката – со фаворизирање на операорот Макаутостар, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Нема застареност

Што се однесува до застареноста на снимките од прислушувањето, за кои што одбраната бараше да не бидат доказ, Судот се повика на член 108 став 4 од Кривичниот Законик според кој застарувањето се прекинува и кога сторителот во времето додека тече рокот на застареност ќе стори, исто така, тешко или потешко кривично дело. Судијката Кацарска потсети дека против Груевски покрај случајот „Тенк“ се водат и уште четири други судски постапки што ги покрена СЈО („ТНТ“, „Траекторија“, „Титаник“ и „Насилствата пред општина Центар“).