Истрагата за смртта на момчето од струмичко Ново Село чие тело беше пронајдено вечерта на 7 јуни во 19.10 часот и по седум дена од убиството не може да утврди како починало, што предизвика реакции во јавноста.
МВР за овој настан информираше дека во струмичката полиција било пријавено дека на телото на пронајдено починато машко лице имало видливи повреди и дека тоа го утврдил лекар од Итна медицинска помош.
По оваа информација Нова побара одговори од СВР Струмица и од Обвинителството до каде е истрагата и под кои околности се случило убиството, има ли осомничени лица, дали се вистинити тврдењата дека истата вечер било претепано уште едно лице и зошто и по речиси една недела од убиството не се утврдени причините како настапила смртта кај момчето.
– Како што известивме во билтенот на МВР на 08.06.2022, на 07.06.2022 во 19.10 часот во СВР Струмица беше пријавено дека на место викано „Ореш“, атар на Ново Село, било пронајдено починато машко лице. Лекар констатирал смрт, а на телото имало видливи повреди. Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа, а по наредба на обвинителот телото е предадено на обдукција со цел утврдување на времето на смртта и причините поради кои истата настапила, велат од СВР Струмица за Нова.
Од струмичката полиција велат дека од моментот кога било пронајдено починатото момче презеле низа мерки и активности по насоки од надлежниот јавен обвинител од Струмица кој ја води постапката и ја одредува правната квалификација на делото.
Во струмичката полиција велат и дека не било пријавен настан за друго лице кое било физички нападното истата вечер.
Побаравме одговори и од Основното јавно обвинителство во Скопје од каде ни рекоа дека побарале дополнителна обдукција на телото на момчето.
– При увидот кај почнатиот беа констатирани повеќе повреди кои првично упатуваат на насилна смрт. Бидејќи не можеше со сигурност да се утврди точната причина за смртта, јавниот обвинител побара обдукција на телото на починатиот. Со оглед на тоа што обдуцентите и по неколку дена не можат да се произнесат за причините поради кои настапила смртта, издадена е наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото на почнатиот. Резултатите од овој вешт наод се уште не се пристигнати во Обвинителството, велат од ОЈО за Нова.
Струмичкото обвинителство за да ги утврди фактите во случајот, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица поднело повеќе барања за издавање наредби за претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти.
– Исто така, издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор од еден угостителски објект, како и наредба за вештачење на мобилни телефони. Од мобилните оператори побарани се податоци за остварена телефонска комуникација, а издадена е и наредба за вештачење на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот. Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично се пребаруваше два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, велат од Обвинителството. С.М.