Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја тужи Си-Ен-Ен, обвинувајќи ја за клевета. Тој бара отштета од 475 милиони долари.

Тој ја обвинува телевизиската мрежа дека води кампања за „клевета и уривање на угледот“ против него бидејќи се плаши дека повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Барањето е поднесено во Окружниот суд на САД во Флорида.

„Си-Ен-Ен се обиде да го искористи своето огромно влијание за да го оцрни тужителот пред своите гледачи и читатели со цел да го порази политички“, велат адвокатите на Трамп во жалбата напишана  на 29 страници, пренесе АФП.

„Како дел од своите напори да ја помести политичката рамнотежа на лево, Си-Ен-Ен се обиде да го оцрни тужителот со серија сè побезобразни, лажни и клеветнички етикети на „расист“, „руски лакеј“, „бунтовник“ па дури и „Хитлер“, се вели во тужбата.

За време на неговото претседателствување, Трамп имаше жестоки односи со Си-Ен-Ен и другите поголеми медиуми, како што е Њујорк Тајмс. Тој ги обвинуваше за ширење на „лажни вести“ и постојано ги критикуваше на социјалните мрежи.