Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретнала со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани и претставници од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. На средбата дискусијата била со фокус на детската заштита, а се разговарало на теми за Детската гаранција, стратегијата за родителство како важен документ кој придонесува во развојот на децата и новата кампања на МТСП во соработка со УНИЦЕФ за промоција на менталното здравје кај младите – „Walk and talk“.
Како што се наведува во соопштението од МТСП, на средбата Тренчевска ја истакна важноста на Европската детска гаранција како механизам на Европската Унија кој има за цел да ја спречи социјалната исклученост на децата, но и да се бори против неа. Таа објаснила дека ваквата цел се остварува преку гарантирање на пристап до збир на клучни основни социјални услуги.
Била отворена и темата за новите активности кои ќе започнат од месец Октомври. Целта на активностите кои ќе се спроведуваат во 16 различни градови во државата е подигање на свеста кај младите за менталното здравје.
Во соопштението се наведува и дека претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани ја искажа нејзината силна поддршка кон министерката Тренчевска на сите полиња на кои што работи Министерството за труд и социјална политика.