Македонските одбојкари го забележаа и третиот пораз на Европското првенство чии ко-домаќини се Белгија, Холандија, Франција и Словенија. Овојпат очекуван и дојде од селекцијата на Русија која во арената „Стожице“ во Љубљана славеше со 3:0 (по сетови: 25:15, 25:16, 30:28).
„Зборнаја“ убедливо ги доби првите два сета во кои покажа кој е кој на теренот. Во третиот малку го спушти гардот и дозволи контролирана неизвесност во финишот и игра на разлика, но повеќе од тоа не дозволи.
Македонската репрезентација во првото коло загуби од Финска со 1:3 (по сетови: 23:25, 22:25, 25:23, 21:25), а во второто и од Турција со максимални 0:3 (по сетови: 20:25, 23:25, 13:25). Утре е ден за одмор за избраниците на Никола Матијашевиќ кои во понеделник од 20.30 ч. ќе играат против Белорусија додека во вторник (17.30 ч.) и со селекцијата на Словенија во последното коло од групната фаза.